Факултетска промоција на истражувањето „Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата: дискриминација, здравје и релации“

За студентите и студентките утре ќе биде отворена промоцијата на истражувањето „Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата: Дискриминација, здравје и релации“ од истражувачите Ана Блажева и Славчо Димитров.

Промоцијата ќе се одржи на 10 мај, вторник, со почеток од 11 часот, во големиот амфитеатар (А4) на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Идејата на истражувањето е да се опфатат различните аспекти и влијанија врз позицијата на малцинствата и нивната маргинализација преку субјективните искуства и доживувања на дискриминација и неправда, и нивната севкупна здравствена и социјална состојба.

„Дискриминацијата во истражувањето не се третира исклучиво како формално отсуство на еднаков и доследен третман, туку како отсуство на суштествена, системска и структурна еднаквост, која покрај редистрибуција на добра, ги опфаќа и личната/субјективна позиција, психо-физичкото здравје и добросостојба, и социјалната динамика“, велат авторите.

Целта на истражувањето е да се разбере како дискриминацијата и неправдата влијаат врз секојдневието, ги обликуваат искуствата и светогледите и ги врамуваат социјалната положба, релациите и световите на дискриминираните заедници.

„Фокусот не е ставен исклучиво врз еднократни или повторливи дејствија, кои законски можат лесно да бидат идентификувани како акти на дискриминација, сакаме да ги истражиме искуствените, афективните и социјалните ефекти на социјалната неправда и нееднаквост, видлива преку широките и историски наталожени институционални пречки за развојот на вредностите, визијата за добар живот, развојот и практикувањето на капацитетите, изразувањето на сопствените искуства и потреби, како опресија, од една страна, и доминација, односно како институционални пречки за себеопределување и определување на сопствените дејствија и условите на дејствување, од друга страна“, се вели за истражувањето.

Резимето и наодите од истражувањето се достапни тука, а целото истражување може да се прочита тука.