„Точко Точковски од Вело планетата ТочакТочак“ – герила акција во Скопје

Додека се движеше низ булеварите во главниот град, обидувајќи се да стигне од едниот до другиот крај на градот, Точковски мораше да запре на улицата „Борис Трајковски“ во Кисела вода и да го крене во раце својот велосипед бидејќи на „патеката“ се појавија автомобили и му го попречија патот.

Клубот за младински активизам при Младинскиот образовен форум (МОФ) и уметникот и скулптор Андреј Миневски, направија герила акција на булеварот „Борис Трајковски“ во скопската Општина Кисела Вода, насловена  „Точко Точковски од Вело планетата ТочакТочак ја посети Македонија“.

„Тука со нас е Точко Точковски од Вело планетата кој дојде овде со цел да ја афирмира вело-културата, но и да ги застапува младите и другите граѓани во земјава и проблемите со кои се соочуваат, односно пренатрупаноста од автомобили и тоа колку малку и несоодветни патеки има“, изјавија активистите.

Акцијата беше поставена неколку часа, а во тој период активистите поразговараа и со велосипедисти кои сообраќаа во тој дел од градот.

„Иако возам велосипед секој ден, не се чувствувам најбезбедно кога го правам тоа бидејќи нема патеки. Јас живеам тука во Кисела Вода каде има само една патека, а не знам ни дали може да се нарече патека, не е за точаци. Треба постојано да пазиш, да гледаш дали некој оди пред тебе, зад тебе. Потребен е асфалт, треба да се асфалтира оваа улица, само треба некој да се досети“, истакна еден од возачите на велосипед.

Од иницијативата „НаТочак“ велат дека Пописот за 2021 година укажува дека само 2% до 5% од учесниците во сообраќајот се изјасниле дека велосипедот го користат како превозно средство.

„Во однос на тоа каде сме сега, а каде сме биле пред 10 години работите се дефинитивно мрднати од мртвата точка и се придвижени во позитивна насока, а прашањето е каде сме сега, а каде можевме да бидеме доколку некои работи се права поинаку, похрабро, по одлучно, потранспарентно“, истакнува Јована Тозија, активистка и дел од „НаТочак“.

Тозија додава дека дел од новите булевари имаат простор за велосипедски патеки, но проблемот лежи во тоа што сè уште се проектираат булевари без велосипедски патеки.

„Во 2022 не смееме да си дозволиме да проектираме и да градиме улици со супстандардни услови за најранливите категории учесници во сообраќајот – пешаците и велосипедистите“, вели Тозија.

Согласно Државниот завод за статистика во земјава секоја година умираат по шест лица од категоријата велосипедисти учесници во сообраќајот.