„Сите сме рефлексија на животната средина“ – еколошка акција во Ростуше

„Ова е огледало на (не)одговорноста за животната средина“ и „Како да ја разубавиме сликата во огледалото?“ се дел од пораките пренесени на петте вертикални огледала поставени во Ростуше, во рамки на еко-акцијата „Сите сме рефлексија на животната средина“.

Акцијата е спроведена од клубот за младински активизам при Младинскиот образовен форум (МОФ), заедно со уметникот и скулптор Андреј Миневски и „Зеукстритон“ – Здружение за заштита на екологијата и унапредување на културата, на 29 септември, а цели да ја подигне еколошката свест кај граѓаните.

„Во Ростуше за две години се мапирани 42 депонии, а општината до скоро немаше градоначалник. Јавното комунално претпријатие не може да постигне да го собере отпадот што настанува од домовите на жителите“, посочуваат активистите.

Пораки како „Ова сме ние“, „Сите сме рефлексија на животната средина“, „Ова е огледало на еколошката (не)свесност“, биле испишани на огледалата поставени во центарот на Ростуше, а активистите посочуваат дека локалните жители се свесни за недоволната грижа кон природата.

„Тие испратија апел кон надлежните институции и сограѓаните да соработуваат за почиста средина и подобро здравје“ истакнуваат активистите.

@radiomof 🌱Активистичкиот клуб при МОФ и Зеукстритон денес во Ростуше ја организираа креативната акција “Сите сме рефлексија на животната средина”. #radiomof #fy #fyp #ecology #youth #activism #takeaction ♬ Happy Positive Ukulele – 3 Minutes (Upbeat, Background, Corporate) – MPmedia