Климатски промени, приватност на интернет, иновации и локален активизам – погледнете ги говорите на ENGAGE 2020

Тематски разновидни, со различни позадини и возраст, сепак обединети во идејата да направат позитивни промени во општеството – 15 активисти од повеќе држави вчера настапија на сцената на Кино Фросина во Младинскиот културен центар со своите приказни и акции. Тие зборуваа во склоп на деветтото издание на Конференцијата за друштвен активизам ENGAGE во организација на Младинскиот образовен форум и Радио МОФ.

Конференцијата ја отвори Сара Мардини со својата приказна за патот како бегалка за време на војната во Сирија и нејзината работа како активистка за човекови права.

„Мора да бидеме гласни за оние кои не се можат да бидат и да размислуваме за кого гласаме пред да го направиме тоа! Не ме интересираат ниту бројки ниту што велат документите, туку ме интересира промената“, истакна таа.

По неа, Ена Бендевска и Калиа Димитрова од платформата Медуза, со својот инспиративен говор ги натераа присутните да размислуваат за поддршката што треба општеството да ја даде, особено кога се работи за жени жртви на насилство и притисокот што треба да се направи за да има одговорни институции.

Следен на сцената беше Фејми Даут, кинематографот на документарниот филм „Медена земја“, кој годинава се стекна со врвни награди и две номинации за Оскар.

„Од денот кога почнавме да снимаме па се до денес учиме од Атиџе. Со нејзината смиреност и едноставност таа е многу посреќна од нас. Мојата презентација и она што сметам дека треба да се види, имавте прилика да го гледате веќе една година“, сподели Даут.

Демократијата, животната средина и човековите права беа темите на кои најмногу зборуваа говорниците на овогодинешниот ENGAGE.

Алина Афлекајлор од „Гринпис Романија“ потенцираше како еколошката криза мора да е третирана како лична криза. 

Алина Афлекајлор од „Гринпис Романија“

„Сите сме заедно во ова и треба да сме гласни во барањата за здрава животна средина“, беше пораката која ја пренесе во својот говор на ENGAGE.

Во оваа насока продолжи и Кирил Пржо Арсовски, објаснувајќи ја врската помеѓу шумските пожари и глобалното затоплување . 

„Џунглите не горат природно, пожарите во нив се случуваат поради човечки фактор за садење на манго, авокадо и слична хипстерска храна“, истакна тој. 

Катаржина Прускевич го сподели своето искуство како таен новинар кој шест месеци помина во фарма на тролови во Полска со цел да го разоткрие процесот на ширење на лажни информации на сајбер мрежи.

„Започнав со два профили на твитер а по три месеци бев поканета да се приклучам во десничарска група на тролови, немаа идеа дека сум новинарка бидејќи моите профили на социјалните мрежи беа затворени. Понекогаш десничарските и левичарските профили полемизираа за да креираат лажна дискусија, а потоа луѓе учествуваа со вистински мислења во лажна дискусија со тролови“, сподели таа. 

На конференцијата свои говори имаа и Бесијан Мехмети, кој зборуваше за модерната архитектура и како училиштата од иднината создаваат нови можности за поквалитетно образование. Потоа Дан Лахав, се фокусираше за тоа како вештачката интелигенција може да се искористи во подобрување на јавниот дискурс.

Горан Кунгуловски, пак, зборуваше за новитетите во ДНК инженерингот, а Михал Возниак за корупцијата и демократијата.

ENGAGE 2020 го затвори активистот Антонио Михајлов од „Скопје прајд“, кој ја пренесе пораката од Првата парада на гордоста која се случи минатата годин во нашата земја. 

Engage – Social Activism Conference 2020

Следете го првиот дел од преносот од деветтото издание на ENGAGE.Вкупно 15 домашни и странски говорници ќе зборуваат на двете сцени во МКЦ.

Posted by Радио МОФ on Saturday, 22 February 2020

Engage – Social Activism Conference 2020

Следете го вториот дел од преносот од деветтото издание на ENGAGE.Вкупно 15 домашни и странски говорници ќе зборуваат на двете сцени во МКЦ.

Posted by Радио МОФ on Saturday, 22 February 2020

За прв пат оваа година, ENGAGE организираше и младинска сцена, ENGAGE Youth  на која млади активисти и иноватори споделија искуства од нивната досегашна работа.

Младиот Сашо Јандрески од Прилеп го презентираше шпирицот кој го изуми со цел да им помогне на здравствените работници да се заштитат од зараза од Хепатит Б и Ц.

Младата активистка Рита Бехадини имаше инспиративен говор во кој им порача на младите дека секој може да направи промена.

Иван Мицков од кулинари.мк зборуваше на сцената на ENGAGE youth откако се врати со бронзен и сребрен медал од натпревар по готвење.

На оваа сцена зборуваа и екипата на Адромета – платформа каде младите споделуваат искуства со врсничко насилство и Кариерниот центар од Гимназијата Корчагин во Скопје кои го раскажаа своето искуство за организирање на настанот Просветителка.

Нивните говори ќе бидат објавени деновиве на Радио МОФ.