[Фото] Започна академската година, студентите се вратија во универзитетските кампуси

Денес започна академската 2022/23 година. За едни, денешниот прв академски час  значи нов почеток, за други прва посета на факултетските предавални по две години пандемија, а за трети враќање на студентскиот живот во физичко присуство.

Во заедничката аула на Филолошкиот и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) свое обраќање имаше ректорот на УКИМ проф. д-р. Никола Јанкуловски кој им посака среќна академска година на новите студенти и им го честита дипломскиот труд на апсолвентите.

Кампусот во кој се наоѓаат и зградите на Правниот и Економскиот факултет денес повторно се исполни со студенти. Професорите им посакаа на студентите да си го вратат студентскиот живот, па и покрај предавањата и учењето да се вратат на културните настани и собирите што ја формираат целосната студентска слика каква што беше пред пандемијата.

Новата академска година во својот мандат ја дочека и Славчо Темелковски, новоизбраниот Претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ).

Тој во интервјуто за Радио МОФ, сподели дека ќе се фокусира на унифициран ценовник за сите факултети, студентски оброк за секој студент, учење од дигитализирани материјали, присутност на социјалните мрежи и малиот буџет кој се одвојува за образование.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, функцијата на студентски лидер е кај првоизбраниот претседател Мирко Наџаков, но овојпат како вршител на должност.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО), активен е мандатот на претседателката Симона Наумовска, додека актуелен претседател на УСС при Универзитетот за информатичка наука и технологија „Св. Апостол Павле“ во Охрид е Јован Илоски, чиј мандат ќе трае наредниве два семестри, односно до јуни 2023 година.

На Тетовскиот универзитет тече вториот мандат на претседателката Елиеса Жаку.

На дел од државните универзитети доцни изборот за студентски лидери