УКИМ распиша конкурс за запишување студенти на прв циклус студии

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ објави конкурс за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми на УКИМ во учебната 2022/2023 година.

Годинава има вкупно 10.918 слободни места за нови студенти, од кои 5.306 за редовните студенти кои плаќаат 200 евра партиципација, 4.522 места им следуваат на редовните студенти со школарина кои плаќаат 400 евра, а 1.090 места се отворени за вонредните студенти.

Природно-математичкиот факултет годинава има отворено највеќе студентски места, односно 1.275, а на второ место е Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со 1.125 слободни места.

На трето место е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) со 1.080 слободни места за бруцошите.

Првиот рок за пријавување на кандидати што се рангираат само според успехот од средното образование е на 30 и 31 август, вториот на 15 и 16 септември, а третиот на 28 септември.

По објавувањата на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 26 септември и на 30 септември.

Првиот рок за пријавување на кандидатите кои се рангираат според успехот од средното образование и според проверката на знаењата и умеењата е на 25 и 26 август, додека проверката на знаењата е на 30 август.

Вториот рок за овие кандидати е на 14 и 15 септември, а проверката на знаењата на 16 септември. Третиот рок е на 28 септември.

По објавувањето на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 26 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.