„Некои работи мораат да се променат од корен“, вели Славчо Темелковски, новиот претседател на УСС УКИМ

Славчо Темелковски, апсолвент на Економскиот факултет, во саботата беше избран за нов претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ).

Делегатите на УСС УКИМ го избраа на оваа функција со 16 гласа „за“, додека за неговиот противкандидат, Мартин Ивановски, студент од Правниот факултет, гласале 6 делегати.

Темелковски за Радио МОФ вели дека во текот на минатата година бил член на Факултетското студентско собрание (ФСС) на Економскиот факултет, каде се кандидирал најпрво за делегат, а потоа и за претседател.

„Исто како и останатите студенти на УКИМ, и јас сум дел од еден образовен систем кој има голем број на слабости и недостатоци, но автоматски тоа значи дека има и голем простор и потенцијал за решавање на истите. Никогаш не сум сакал да бидам дел од оние кои само набљудуваат и фрлаат со камења по секого, без притоа да понудат конкретно решение, идеја или предлог. Токму поради ова решив да се кандидирам за оваа позиција со огромен ентузијазам и амбиција, за директно да можам да учествувам во процесот на решавањето на проблемите и реализирањето на идеите и замислите“, посочува тој.

Според Темелковски, решавањето на проблемите само на „ура”, на долг рок никогаш не може да вроди со плод.

„За да почнат да се решаваат проблемите на студентите, сметам дека мора некои работи да се променат од ‘корен’. Под тоа подразбирам вистинска и реална функционалност на УСС, односно воспоставување на систем кој ќе биде здрав и одржлив на долг рок. Самото УСС има свои комисии, тие комисии имаат свои претседатели и членови, чија должност ќе им биде да работат во различни сфери за доброто на своите колеги. Како претседател моја должност ќе биде да знам дека овие комисии си ја работат својата работа, да ги мотивирам, координирам, да иницирам одредени акции“, вели тој, посочувајќи на изработка на генерална стратегија на долг рок која ќе ја следат сите идни претседатели.

Темелковски е трет студент на функцијата претседател на УСС УКИМ по Борјан Ефтимов и досегашната претседателка Ева Цветковска.

Унифициран ценовник за сите факултети, студентски оброк за секој студент, учење од дигитализирани материјали, присутност на социјалните мрежи и малиот буџет кој се одвојува за образование се само дел од проблематиките на кои ќе се фокусира новиот претседател на УСС УКИМ.

„Приоритет ќе биде поставување на претседатели на комисии кои имаат голема одговорност и должност. Секоја комисија ќе има задача секој месец во годината да организира барем еден настан, акција, дебата или обука. Ќе се посветиме на издигнување на УСС како тело во кое студентите ќе имаат доверба дека може да им ги реши проблемите и да ги штити нивните права и интереси. Во октомври верувам дека ќе успееме УСС да склучи меморандуми за соработка со различни организации, компании, невладини организации кои ќе ја препознаат нашата визија. Посебно внимание ќе биде посветено на активната соработка со медиуми, присутност на социјални мрежи, креирање на содржина со која сегмент по сегмент ќе ги запознаваме студентите за нашата работа, за нашите идни планови“, вели Темелковски.

Кога станува збор за дигитализацијата на високото образование, новиот претседател најавува активација на веб-сајтот на УСС УКИМ, каде ќе бидат објавени информации за активностите на студентското тело, но ќе претставува и платформа каде студентите ќе можат да поднесуваат барања, проблеми, решенија и идеи.

„Исто така, самите сме свесни за падот на УКИМ на ранг листата на светски факултети. Како критериум за оценување на универзитет се пишувањето на научните трудови од страна на професорите. Уште од сега ве уверувам дека има голем мотив за изнаоѓање на решение, кое понатаму ќе придонесе за зголемување и на буџетот за образование, кој моментално е 0,3%. После овој податок, секој друг коментар е залуден“, вели Темелковски.

Кога станува збор за зголемување на довербата на студентите кон УСС УКИМ, Темелковски посочува дека Собранието најпрво мора да создаде нова култура и атмосфера во која секој студент ќе се пронајде и ќе ја препознае визијата.

„Како студенти и академски граѓани нема кој друг да ни ги решава проблемите ако не сме тоа самите ние. Сметам дека со новиот амбиент кој ќе го создадеме помеѓу студентите, секој еден ќе знае каде да се обрати, а притоа да биде сигурен дека некој ќе преземе нешто по основ на неговото барање и проблем.  Како конкретни решенија тука се воспоставувањето во функција на веб сајтот, поставување на посебни делови во секој факултет како сандачиња каде секој анонимно ќе сподели проблем или предлог, а важна работа ќе биде воведувањето на отворениот ден во Студентскиот културен центар, кој најверојатно ќе биде два пати во месецот“, забележува тој.

Запрашан за тоа како ќе ја води комуникацијата со управата на УКИМ, Темелковски посочува дека на универзитетската управа не ѝ оди во прилог да не соработува со независното студентско собрание.

„Изминатите години голем проблем беше и короната која нѐ оддалечи, но од оваа година нема изговори. Цврсто сум убеден и верувам дека ќе имаме одлична соработка Универзитетската управа која верувам дека ќе ни биде од голема помош во остварувањето на идеите и спроведување на решенијата“, вели тој.

Студентскиот културен центар беше дел од програмата на досегашната претседателка Ева Цветковска, а неговото отворање беше најавено за почетокот на академската година 2022/2023. Центарот беше претставен како мултифункционален простор, каде младите ќе можат да работат и учат, но и да уживаат во културна програма.

„Студентскиот културен центар е 90% готов по заслуга на минатиот состав на собранието предводен од Ева Цветковска, но еве така се погоди, па јас ја имам честа официјално да го отворам и да го претставам пред студентите. СКЦ ќе биде новото место каде секој еден студент ќе може да дојде да учи, да се дружи и да се одржуваат состаноци на ФСС и УСС“, вели Темелковски, без да наведе датум на отворање.

Ивана Смилевска