Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести од образование, култура, граѓанско општество, политика, животна средина…

1. Речиси 40% од младите сметаат дека машките треба да се лидери, родовите стереотипи сè уште го демнат македонското општество

Повеќе од 90% од младите во Македонија слушнале за терминот родова еднаквост, сепак околу петтина од нив не се доволно запознаени со значењето и суштината на концептот на родовата еднаквост. Родовите стереотипи кај младите пред сè се поврзани со однесувањето на момчињата и девојчињата, нивниот надворешен изглед, односно облеката.

Овие се дел од клучните наоди на Анализата на родовите (не)еднаквости низ призмата на младите во Северна Македонија во која учествуваа 1200 млади на возраст од 15 до 29 години, од кои 634 девојки и 566 момчиња.

Речиси 40% од младите сметаат дека машките треба да се лидери, родовите стереотипи сè уште го демнат македонското општество

2. Средношколци медицинари револтирани што МОН не ги вклучи во конкурсот за стипендии во дуално образование

Средните медицински училишта од Штип, Гостивар и Тетово денес реагираа на одлуката на Министерството за образование и наука (МОН) да ги исклучи учениците од здравствените струки од конкурсот за стипендии во дуално образование.

Радио МОФ стапи во контакт со директорката на медицинското училиште СОУ „Јане Сандански“ во Штип, Марија Николиќ која изјави дека на овој начин МОН ги дискриминира учениците, а не смее.

Средношколци медицинари револтирани што МОН не ги вклучи во конкурсот за стипендии во дуално образование

3. Подзаборавената Младинска картичка отсега достапна само во онлајн форма

Агенцијата за млади и спорт соопшти дека Европската младинска картичка отсега ќе се издава и води исклучиво во онлајн форма, со цел да се олесни процесот на нејзино користење.

Оваа младинска картичка во Македонија беше воведена пред четири години, како бесплатна алатка со која младите на возраст од 15 до 29 години ќе можат да остваруваат разни попусти и поволности во земјава и низ Европа.

Од Агенцијата за млади и спорт, во соопштението велат дека за кратко време на корисниците ќе им бидат испратени ЕYCA броеви (кодови), кои се потребни за понатамошна регистрација на нивната Младинска Картичка. Со овој број корисниците ќе можат да ја завршат постапката на активација на картицата во онлајн форма.

Подзаборавената Младинска картичка отсега достапна само во онлајн форма

4. Во Европската престолнина на културата 2028 доцнат годишните исплати и повици за проекти во култура

Град Скопје сè уште не го објави годишниот повик за поддршка на проекти и програми во културата за 2024 година, додека резултатите од ланскиот уште не се јавно споделени, а за средствата не се ни контактирани здруженијата и културните работници кои аплицираа на повикот минатиот октомври.

Според повеќегодишната вообичаена пракса, Јавен повик за прибирање барања за користење средства од Буџетот на Град Скопје наменети за финансирање на програми проекти и активности од областа на културата од интерес на Град Скопје се отвора во септември, а крајниот рок за аплицирање е крајот на октомври тековната година. Резултатите се објавуваат напролет, следната година во април или мај.

Во Европската престолнина на културата 2028 доцнат годишните исплати и повици за проекти во култура

5. Повик за нови подкасти и водители на Радио МОФ

Радио МОФ и оваа година го објави повикот за нови подкасти и водители на онлајн радиото.

Ова е супер можност за оние кои можат да зборуваат „со саати“ на некоја тема, а бараат платформа. Онлајн етерот на Радио МОФ е токму тоа место за сите доволно храбри и желни да имаат своја радио емисија.

Повик за нови подкасти и водители на Радио МОФ

Бонус:

#РаскажиМи: „Како барбика стана бог од антика и излечи депресија“ од Маша Блажева

Во рубриката #РаскажиМи неделава го имавме краткиот расказ „Како барбика стана бог од антика и излечи депресија“ од Маша Блажева.

Расказот беше напишан од Маша на работилницата за креативно пишување за млади – „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, инспириран од цртежот „Антички мозаик од среќна барбика“ на учесничката Анастасија Василева. Цртежот на Анастасија е генериран со помош на вештачка интелигенција, преку употреба на кирилски формули.

#РаскажиМи: „Како барбика стана бог од антика и излечи депресија“ од Маша Блажева

[Фото] Стотина средношколци се запознаа со работата на Радио МОФ

Средношколци од повеќе училишта во петокот имаа можност да дојдат, влезат и ѕирнат во редакцијата на Радио МОФ, сега свежо реновирана, да ги запознаат новинарите и уредништвото и од прва рака да дознаат како се „пече“ новинарскиот производ. Исто така, кои се дневните задачи, улогата на медиумот, но и аудио-визуелни алатки за работа на теми, емисии или анализи.

При овој Отворен медиумски ден, младите ги прошетавме низ редакцијата и дворчето, влегоа и во нашата тазе „глува соба“, па некои се испробаа и како водители на подкаст.

[Фото] Стотина средношколци се запознаа со работата на Радио МОФ