Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. На час: Што опфаќа сексуалното образование

Што е, а што не е сексуално образование? Пред јавноста периодов се споделија многу информации, но и дезинформации во однос пилот-програмата за воведување сеопфатно сексуално образование како изборен предмет во основните училишта. Во моментов ова се спроведува во четири училишта во Скопје и Тетово. Но, овој процес од самиот почеток предизвика страв, револт и сомнеж во јавноста за начинот како ќе се изведува и што ќе вклучува наставата.

Во емисијата „На час“ ги имавме Мери Цветковска од здружението ХЕРА и училишниот психолог Елизабета Ивановиќ, кои како директно вклучени во процесот дадоа одговори на некои од најголемите заблуди во врска со програмата.

2. Печатени дигитални учебници или нови можности – што носи новиот Закон за учебници (radiomof.mk)

Фото: Унсплеш

Најавите за дигитализација на учебниците и менувањето на постоечкиот закон сериозно ја разбрануваа јавноста и предизвикаа протести, поднесоци за референдум, бројни негодувања, но и бранење на новото законско решение. Но, што навистина е содржано во предлог законот и зошто е добро или не ова решение? Радио МОФ побара појаснување од Министерството за образование и наука (МОН) како предлагач, но консултираше и повеќе професионалци од областа на образованието, за да дадат свој коментар околу предлогот.

3. Новинарки на Радио МОФ ја добија наградата „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија

Нашите Ивана Смилевска и Емилија Петреска се овогодишните добитнички на наградата „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија која ја доделува Делегацијата на Европската Унија во С. Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Тие оваа награда ја добија за нивната сторија „Од Вива ла Дива до победа во Стразбур – колку државата е отворена за транс права“ поврзана со предизвиците на трансродовите лица.

4. „Како го менував општеството“ – пет млади луѓе се ангажираа за различни проблеми во државата

Еко-акции, обуки поврзани со ментално здравје, креирање инклузивни водичи за деца со аутизам, снимање филм за Охрид и значењето на УНЕСКО… Пет млади луѓе во изминатава година година преку различни активности се ангажираа на тема „Што можам да променам во општеството?“. Се впуштија во предизвик – да донесат позитивни промени, истовремено да покажат дека младите не се апатични, туку можат да преземат иницијатива на свој грб, која понатаму би поттикнувала активизам и волонтерски дух во Македонија.

На сите пет им поставивме неколку исти прашања: зошто го правеа ова, како го менуваа општеството за една година, но и колку нивните врсници се ангажираат за проблемите во околината.

5. [Интервју] „Stoned Hedge“: Ако би било се’ совршено ќе нема мотив за правење музика

„Hello world“ („Здраво свету“) велат четворицата тетовчани „Stoned Hedge“. Оваа изрека е всушност името на нивниот прв албум, за кој младиот бенд деновиве имаше слушачки промоции во Тетово и Гостивар, додека главниот настан се очекува на 28 мај во МКЦ, кога и премиерно под капата на „Password“ ќе го пуштат „Hello world“ да патува по светот, да освојува нови фанови и музички фанатици. Во разговор за Радио МОФ тие откриваат што ги „движи“ за да прават музика, потенцирајќи дека самото општество, со сите свои маани и недостатоци, е мотив повеќе за да создаваат свој, автентичен звук.

Истовремено, изминатава недела имавме и интервју со Drüggy по објава на неговиот прв албум – „Неврзаните“, кој го претстави со синглот „Кензо Танге“. Тој вели дека почнал да работи на албумот на почетокот на пандемијата, а се одлучил да одбработува политичко општествени теми преку песните „Кензо Танге“, „Неврзаните“,  „ДДВ“ и „091 до 02“, но и лични љубовни теми кои ја изразуваат неговата помека страна.