[Фото] „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ за бегство од комерцијалното издаваштво и дигиталното објавување

Скопскиот Центар-Јадро синоќа беше вибрантно и колоритно место. Насекаде бомбони, чоколатца, разлетани конфети по подот. Висечки пораки и балони од ѕидовите. Уникатни фанзини по масите. Музика од диџеите Индог и Мартина Пенева. Како некоја прослава, или „афтер парти“ собиранка.

Всушност, тематски беше поставена изложбата „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, со што и официјално стартуваше второто издание на „Маалски фестивал“.

Без разлика дали посетителите дојдоа во тиква или во бела и раскошна кочија, од 19 часот се запознаа со книжевни ликови создадени од тон имагинација на учесничките Маша, Мила, Мелиха, Анабела, Анастасија, Деспина, Теодора, Лара, Лејла, Сара и Сара.

Гостите видоа самовили, Барбика од антика, Месечина што плаче, коса со супер-моќи… само дел од книжевни ликови, гости на балот, направени аналогно или со вештачка интелигенција преку непредвидливи кЛИКови и кирилични формули. Ликовите и нивните приказни беа бројни и посебни, книжевно-имагинарни светови.

Сето ова произлезе од дводвневната истоимена работилница „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска, како продолжение на првата дводневна работилница „Пиши-бриши, само не оставај на seen!“.

„Како компаратистки сакаме малку да го ‘размрдаме’ формалното образование и повеќе да се осврнеме кон книжевноста. Така дојдовме и до идејата. На втората работилница учествуваа девојчиња кои со помош на вештачка интелегенција направија промптови на кирилица, тоа е многу важно. Користеа Bing на Microsoft Edge“, објаснува Смилевска.

Нејзината колешка, Марија Бошковска, посочува дека имале голема помош и од двајца уметници – Дарко Алексовски и Јован Јосифовски – во целиот процес каде учесничките сечеа, лепеа, цртаа и колажираа.

„Тие помогнаа визуелно да ги изработиме, а потоа да ги мултиплицираме фанзините, за да може посетителите да си земат по еден со текстовите и сликите“, потенцира Бошковска.

Идејата за фанзините им дошла затоа што им е ентузијастичка и панкерска.

„Самите сме панкерки, барем по вокација. Па, со фанзините сакавме самите да дознаат како можат да пишуваат свои работи, да сликаат свои работи, а потоа да ги споделуваат меѓу пријателите и околината каде живеат. На тој начин, да избегаат од комерцијалното издаваштво или дигиталното објавување, пример по блогови, зашто тие се излитени и веќе ретко кој ги чита. Оттаму доаѓа и името ‘сподели кирилица’. За да може да споделуваат кирилица на еден нов, свеж, алтернативен начин“, потенцира Смилевска.

Компаратистките Марија Бошковска и Ивана Смилевска

На настанот во Центар-Јадро синоќа беше претставен и муралот „И ние сме од Скопје“ на уметниците Белкис Аксу и Мурат Калкава. Центар-Јадро уште од самото основање распишува отворени конкурси за мурали, а годинава тој беше проширен и за резиденти на Скопје. Па така, за прв пат двајца турски автори на фасадата го насликаа своето доживување за Скопје – разни објекти, простори, теми што ја поврзуваат цела заедница.

Функционирањето на заедницата е всушност во самата срж на „Маалски фестивал“. По увертирата од синоќа, тој денес и утре продолжува со работилници за изработка на урбана опрема и за изработка на чуднозвучни музички инструменти. Потоа има маалски Базар и мал саем за книги, поетско читање, танцов перформанс, раскажување маалски приказни, претстава, изложба на стрип-табли, но и концерт за финиширање на фестивалот во Центар-Јадро.

Бојан Шашевски