Изложба „Сите наши солзи“ во среда во „Мала станица“

Во среда (12 октомври) со почеток во 18 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе се отвори изложбата „Сите наши солзи“, посветена на приказните од жртвите во војните од регионот. Фотографи се Арбнора Мемети, Наке Батев, Адхе Мула и Борислав Пешиќ, а кустос на поставката во Скопје е Здравко Стојкоски.

Како што се посочува во најавата за настанот, целта на оваа поставка е пошироката јавност да се запознае со приказните и да упати молба за поддршка на жртвите и другите погодени групи од регионот во нивната потрага за вистините и правдата. Изложбата се состои од 34 авторски фотографии, направени од четворица фотографи на различни места во Србија, Косово и Северна Македонија.

„Фотографите, иако не се познаваа меѓусебно, успеаја преку нивните фотографии да создадат универзална приказна, но и да ги обединат болните сеќавања на обичните луѓе и нивните страдања. Приказните претставуваат повеќе аспекти за војните во поранешна Југославија: семејни слики од исчезнати лица, места на злосторства, масовни гробници, внатрешно раселени лица и спомен-обележја, но и долготрајните последици од конфликтите кои и ден-денес се чувствуваат покажувајќи ја целата трагедија и комплексност на војната. Изложбата ‘Сите наши солзи’, има цел да го унапреди заедничкото разбирање на колективно и индивидуално ниво, како и да ги подигне социјалниот развој и кохезија“, се додава во најавата за настанот.

Организаторите посочуваат дека изложбата е направена во соработка со организации на семејства на исчезнати и починати лица од Србија и Косово, како и семејства на загинати цивили и внатрешно раселени лица од Северна Македонија, со цел да отвори простор за нови можности и заеднички иницијативи во насока на изградба на мир и помирување во регионот.

Истовремено, додаваат дека „Сите наши солзи“ е организирана е од Мировна акција, граѓански иницијативи, Интегра, Нова социјална иницијатива, со поддршка од ПАКС и Меѓународниот центар за транзициска правда.

Ова е втора поставка во Скопје, откако изложбата претходно беше отворена во Белград на 25 мај. По Скопје, изложбата ќе биде отворена и во Приштина.