Објавен конкурс за фотографии „Со љубов од Битола“

Центарот за европски развој и интеграција од Битола во партнерство со Центарот за култура Битола објави конкурс за фотографии за 10-тото јубилејно издание на изложбата „Со љубов од Битола“. Наградниот фонд за првата награда е 4.000 денари, за втората награда е 3.000 денари, додека за третата награда е 2.000 денари.

Темата на конкурсот кој трае до 25 јули е „Архитектонските симболи на Битола“, а право на учество имаат аматери и професионални фотографи.

„Фотoграфиите треба да се фокусираат на архитектонските обележја на Битола. Овие обележја може да се познати и непознати, нови и стари, но она што е клучен критериум е да бидат фотографирани од оригинални перспективи“, посочуваат од Центарот.

Темата на конкурсот спаѓа во категоријата Архитектонска фотографија – фотографска дисциплина каде што примарниот акцент е ставен на фотографирање на згради и слични архитектонски структури и нивната естетика.

„Фотографијата треба да содржи мотиви или елементи  кои недвосмислено посочуваат дека делото е создадено во Битола. Секој учесник може да прати најмногу три фотографии, стручното жири  ќе изврши селекција кои фотографии ќе бидат дел од изложбата. На фотографијата да нема потпис, друг дополнително внесен текст или графички елементи. Фотографијата да е со минимална резолуција 4000 x 2000 pixels 300 dpi 24 bit depth. Фотографиите може да се во боја или црно бели. Фотографијата да не се постари од 3 години и да не се претходно испратена на конкурсот ‘Со љубов од Битола’“, стои во препозициите и техничките спецификации за учество на конкурсот.

За учество на конкурсот, потребно е да се симне формата за пријавување од следниов ЛИНК. Фотографиите со минимална дефинирана големина треба да се прикачат заедно со пополнетата пријава на електронската пошта cedi.mk@gmail.com најдоцна до 25 јули, со назнака „За конкурсот со љубов од Битола 2022“.

Дополнително, од Центарот посочуваат дека сите фотографии со големина под 1 мегабајт нема да бидат примени во официјалната конкуренција.

„Организаторот го превзема трошокот за изработка на фотографиите. Стручното жири ќе изврши селекција на пристигнатите фотографии и ќе направи избор на најдобрите три фотографии. Сите учесници ќе бидат информирани дали нивни фотографии ќе бидат дел од изложбата. Победниците ќе бидат соопштени на денот на отворање на изложбата“, посочуваат од Центарот.

Свеченото отворање на јубилејната изложба „Со љубов од Битола“ ќе се реализира во периодот помеѓу 5 и 15 август.