Подзаборавената Младинска картичка отсега достапна само во онлајн форма

Агенцијата за млади и спорт соопшти дека Европската младинска картичка отсега ќе се издава и води исклучиво во онлајн форма, со цел да се олесни процесот на нејзино користење.

Оваа младинска картичка во Македонија беше воведена пред четири години, како бесплатна алатка со која младите на возраст од 15 до 29 години ќе можат да остваруваат разни попусти и поволности во земјава и низ Европа.

Од Агенцијата за млади и спорт, во соопштението велат дека за кратко време на корисниците ќе им бидат испратени ЕYCA броеви (кодови), кои се потребни за понатамошна регистрација на нивната Младинска Картичка. Со овој број корисниците ќе можат да ја завршат постапката на активација на картицата во онлајн форма.

За да се искористи оваа можност потребно ќе биде да се преземе апликацијата за младинската картичка преку следниве линкови:

Корисниците во апликацијата ќе можат да се информираат во кои држави можат да ги користат попустите.

За потсетување, Европската младинска картичка профункционира во јуни 2019 година и покрај попусти беше најавено дека таа ќе прерасне во една картичка која ќе ги замени сите други картички кои ги поседуваат младите. Се предвидуваше таа да служи и како CV на која ќе се запишуваат вештините и образованието на младите, а најпосле и да ги замени платежните и картичките за превоз кои ги користат во секојдневниот живот. Сепак овие најави и ветувања досега не се реализираа.

Радио МОФ минатата година пишуваше за тоа како властите подзаборавија на оваа картичка, која за младите од земјава нудеше прилично ограничени поволности, концентрирани во Скопје, а дел од корисниците пријавуваа дека се соочувале со бројни проблеми при обидите да ја користат картичката во разни пригоди. Целосниот текст може да го прочитате на линкот во продолжение:

Секое чудо за три дена – Како власта ја заборави Европската младинска картичка