Во Европската престолнина на културата 2028 доцнат годишните исплати и повици за проекти во култура

Град Скопје сè уште не го објави годишниот повик за поддршка на проекти и програми во културата за 2024 година, додека резултатите од ланскиот уште не се јавно споделени, а за средствата не се ни контактирани здруженијата и културните работници кои аплицираа на повикот минатиот октомври.

Според повеќегодишната вообичаена пракса, Јавен повик за прибирање барања за користење средства од Буџетот на Град Скопје наменети за финансирање на програми проекти и активности од областа на културата од интерес на Град Скопје се отвора во септември, а крајниот рок за аплицирање е крајот на октомври тековната година. Резултатите се објавуваат напролет, следната година во април или мај.

„Не објавија никакви резултати“, вели Љупчо Митковски, финансиски директор на Филозофскиот филмски фестивал кој во јуни се одржа по 13-ти пат.

„Еднаш пред да се одржи Фестивалот, затоа што правиме промотивни материјали и треба да знаеме дали да ги ставиме или не, пративме прашање дали ќе има средства или не. Прво ни одговорија на тој општиот мејл дека се работи на тоа, уште не се излезени резултатите и толку. Вториот пат кога прашувавме дали да користиме лого, бидејќи не може да ставиш лого без да знаеш, тоа е веќе прекршување на правила, не ни одговорија. Нема ништо од нив уште“, раскажува Митковски. Тој не се надева дека средствата ќе стигнат.

„Не може отпосле да ти дадат на завршено, барем досега беше така правилото“, поентира финансискиот директор.

Финансиската поддршка, како што вели тој, иако најчесто не е доволна, сепак е добредојдена за покривање на дел од трошоците.

ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена во јуни испратила реакција до Град Скопје за доцнењето на резултатите со апел за нивно итно објавување.

„Години наназад истоимениот конкурс на Град Скопје е со ниска транспарентност и мала суштинска влијателност во полето на културата, но апсолутно е неприфатливо незадоволувањето на минимум критериумите за остварување на конкурсот од страна ан Градот како негов распишувач“, стои во реакцијата.

Оттаму за Радио МОФ потврдија дека покрај средства, не добиле ниту одговор на овој апел.

И здружението „Сенки и облаци“ кое години наназад добива поддршка од Град Скопје преку повикот, не добило никаква информација околу резултатите. Тие ни кажаа дека не ни очекуваат да има средства годинава.

„Вака може да ви дадеме изјава, вие да напишете, но ништо нема да се смени. Информацијата нема ни да допре до нив. Потребно е да се направи нешто повеќе, ако сакаме да ги добиеме средствата“, рекоа од „Сенки и облаци“.

Пред да упатиме прашања до здруженија кои работат во културата, минатиот месец се обративме во Град Скопје. Оттаму сè уште нема одговори за тоа што се случило со средствата одвоени за овој повик, а не одговорија ни зошто нема отворено нов повик и дали ќе се отвори во следниот период.

Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година

Скопје ќе ја носи титулата „Европска престолнина на културата во 2028 година“, соопштија минатиот месец министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Веста пристигна по успешната презентација на апликацијата за кандидатура на градот во Брисел што Министерството и Град Скопје ја подготвуваа години наназад.

Фото: Град Скопје

Титулата значи дека Скопје добива можност да го претстави својот културен живот и развој и да ја подигне видливоста на меѓународно ниво.

„Изготвена е детална програма со долгорочна развојна стратегија за културата, која содржи бројни податоци за Скопје, богатата историја и културно – историските споменици“, кажаа од Град Скопје во септември по средбата на новата работна група одговорна за апликацијата.

Процедурата за номинирање на Скопје за Европска престолнина на културата започна уште во 2014 година кога градоначалник беше Коце Трајановски. Почетниот тим за подготовка на апликација беше формиран во 2018 година во мандатот на Петре Шилегов, додека министер за култура беше Робер Алаѓозовски. Оттогаш повремено се објавуваа настани за кои се соопштуваше дека одржуваат во соработка со тимот на Скопје 2028.

Информирањето за настани кои се поддржани во рамки на кампањата „Скопје – Европска престолнина на културата“ се засили во август и септември годинава. Така, логото за проектот почна да се појавува на промотивните материјали за промоции на книги, бесплатна филмска вечер, изложби кои се одржуваа во август и септември, во јавни институции чиј основач е Град Скопје.

Настаните кои се поддржани како дел од проектот за Европска престолнина на културата се одржуваат и понатаму. Градот скоро го објави и годишниот Јавен повик за финансирање и поддршка на програми и проекти на јавните установи од областа на културата основани од Градот Скопје за 2024 година.

На него може да аплицираат јавни установи кои дејствуваат во изведбени уметности, музички уметности, визуелни уметности и уметност на новите медиуми, издавачка и библиотечна дејност, музејска дејност, промоција на културното наследство и меѓународна соработка.

Овој повик веројатно ќе остане единствениот преку кој Град Скопје ќе ја поддржува културата следната година. Со оглед на тоа што оттаму не одговараат на новинарските прашања, уметниците и самостојните уметници и претстојната година ќе останат без финансиска поддршка од градската установа.

Ангела Бошкоска