Скопје е избран за Европска престолнина на културата за 2028 година

Скопје ќе биде Европска престолнина на културата во 2028 година. Оваа одлука беше соопштена денес во Куќата на европската историја во Брисел каде присуствуваа градоначалничката Данела Арсовска и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Скопје за оваа титула беше во потесен избор со црногорскиот град Будва при што двата града беа во финале меѓу градовите на Европската асоцијација за слободна трговија и Европската економска област.

На апликацијата за програмата „Култура над поделба“ со која вчера се претстави Град Скопје, како што информираат оттаму, работеше тим експерти.

„Тимот посветено работеше на културна промоција, претставувајќи ја програмата во различни области, иновативните идеи и концепти со кои Скопје ќе се најде на мапата како Европска престолнина на културата за 2028. Програмата почнува да се имплементира уште во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои ќе кулминираат во 2028“, истакна градоначалничката Арсовска, по соопштувањето на одлуката.

Таа додаде дека во тоа ќе се вклучат младите и креативните индустрии, поврзани со еко-практики како иновација во сите процеси и културни настани кои ќе се одвиваат, како што рече, 365 дена во Скопје.

Во процесот на кандидатура Град Скопје имаше поддршка од Министерката за култура Бисера Костадиновска, Владата, Претседателот Пендаровски и други државни институции, како и од голем број европски градови и нивните културни институции.

Титулата „Европска престолнина на културата“ значи можност за претставување на културниот живот и развој и да ја подигне видливоста на меѓународно ниво на избраниот град. Исто така, целта на оваа иницијатива на Европската унија е да им овозможи на жителите на Европа да учествуваат активно заедно да разменат искуства за културата, да се создадат нови партнерства и да се нагласи улогата која ја има културата во развојот на градовите.