Град Скопје го менува директорот на МКЦ, нови директори добија ЗОО-Скопје и ЈП Водовод и канализација

Досегашниот директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје, Ванчо Богоев повеќе нема да биде на чело на оваа институција, откако од Град Скопје соопштија дека поради завршување на мандатот за кој беа назначени, ќе бидат назначени нови директори во повеќе градски јавни претпријатија.

Од Град Скопје велат дека МКЦ ќе добие нов директор по евалуацијата на биографиите за позицијата.

Од градската администрација соопштија дека кадровски промени има и во други две јавни претпријатија кои се под надлежност на Градот. За нов директор на ЈП „Водовод и Канализација“ е назначен Драган Илиевски кој е машински инженер со повеќе од 20 години работно искуство. Досегашниот директор Марјанчо Митовски, кој на позицијата беше назначен од редот на вработените, ќе продолжи да работи како секторски директор на претпријатието.

Нов директор на Зоолошката градина е Зоран Попов, кој доаѓа од редот на вработените. Попов е економист со 20 годишно работно искуство.

Од Град Скопје соопштија и дека Косана Мазнева добива нов мандат и ќе продолжи да ја извршува функцијата директор на Јавното претпријатие Комунална хигиена.