Град Скопје: Разрешен директорот на ЗОО Скопје по скандалот што ја потресе јавноста

„По скандалот кој денес ја потресе јавноста, разрешен е вршителот на должност директор на Скопската зоолошка градина Кристијан Стаменов“, известуваат од Град Скопје и се оградуваат од индивидуално превземените дејствија на директорот, откако СДК.мк објави дека во ЗОО Скопје се заклани 10 коњи.

„Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука превземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува“, соопштува Град Скопје.

Претходно, директорот Кристијан Стаменов за СДК.мк изјави дека 16 коњи добиле од Агенцијата за запленет имот, при акции за фаќање дрвокрадци и шверцери, но десет од нив биле многу болни и затоа било решено тие да бидат заклани. Постапката, рече тој, е согласно законите и правилата за третман на животни, а известена е и Агенцијата за храна и ветеринарство.