[Фото] Претставена првата од трите нови летни сцени во Градски парк

Во Градскиот парк, Град Скопје викендов ја претстави првата од трите летни сцени наменети за одржување на културни настани на отворено.

Според градските власти, станува збор за монтажна и мултифункционална сцена на отворено, со движечки челични профили, идеална за одржување на музички настани, изложби, театарски претстави, уметнички перформанси и разни други собири.

Град Скопје вели дека мултифункционалната сала ќе биде новата гордост на Градски парк, местото каде ќе се одржуваат најубавите настани, градски фестивали, местото каде многу скопски уметници за прв пат ќе застанат на сцена и каде публиката ќе има можност да ужива во незаборавни моменти.

„Град Скопје беше првата европска метропола со кризни мерки за културата во насока на заштита на егзистенцијата на скопските уметници, но и првата метропола што организираше цели фестивали сред пандемија, па дури и во карантин. Оваа сцена е избрана на јавен конкурс во конкуренција на 12 други трудови и беше претставена на изложба заедно со сите останати примени трудови минатото лето. По изработката на основниот проект и неопходните процедури за јавни набавки, сцената е тука“, информираа од Град Скопје.

Фото: Град Скопје