Град Скопје: Признанија и награди за најуспешните наставници во средните училишта

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вчера им врачи признанија и награди на најуспешните наставници од средните училишта на Град Скопје.

„Со оваа манифестација што за првпат се организира во Град Скопје, сакаме да го валоризираме трудот кој наставните кадри го вложуваат во образованието на младите и нивната иднина. Се гордееме со секој успех и секое достигнување на нашите ученици, а за тие успеси голем придонес имаат наставните кадри, кои се вложуваат да имаме нови генерации кои се квалитетни, емпатични и сигурни во своите знаења“, рече градоначалничката Арсовска на вчерашното доделување.

Град Скопје, во рамки на своите програмски определби, а со цел афирмација на постигнувањата и успесите на просветните работници од средните училишта на Град Скопје, годинава за првпат ги промовира и валоризацира најуспешните наставни кадри.

„Наставниците се наградени за нивниот придонес во унапредувањето на наставниот процес, промоцијата на училиштето и остварените врвни резултати во работата. Најуспешните 23 наставници од секое од средните училишта на Град Скопје, беа избрани од наставничките одбори, а во согласност со одредбите од Законот за наставници“, соопштуваат од Град Скопје.