Град Скопје: Почна реализацијата на мега паркот во Ѓорче Петров

Градот Скопје информира дека денеска ја почна реализацијата на капиталниот проект за изведба на мега парк во општината Ѓорче Петров – нова зелена површина во градот што треба да простира на повеќе од 30.000 квадратни метри.

„Во Скопје отпочнуваме нешто што досега не било направено, 5 нови мега паркови кои долгорочно ќе придонесат за заштита и подобрување на состојбите со животната средина“, рече градоначалничката Данела Арсовска при почетокот на изведбата на паркот во Ѓорче Петров.

Од Градот велат дека на место кое била депонија од огромни размери во над 50.000 квадратни метри, екипите на Градот Скопје успеале целосно да ја исчистат за создавање на новата паркова површина. Работните активности и хортикултурното уредување на мега паркот предвидуваат четири фази на изведба, а паркот е предвидено да има три дела на вкупна површина од над 30.000 квадратни метри.

„Јавните претпријатија ‘Улици и патишта’ и ‘Паркови и зеленило’ веќе ја изведуваат првата фаза од овој нов мега парк, односно се изведува подготвително рамнење на површината, прекопување и целосно обележување согласно со проектот за парковската површина. Во оваа фаза се врши трасирање на пешачките и велосипедските патеки и просторот за останатите содржини, а се поставуваат и потребните подземни инсталации“, соопштуваат од Градот.

Фото: Град Скопје

Според градските власти, предвидено е подигање на зелени површини, поставување систем за наводнување, засадување на над 2.200 дрвја од десетина различни видови, како и дополнителни цветни садници соодветни за оплеменување и зазеленување на парковската површина.

„Во завршната фаза предвидено е поставување на урбаната опрема и целосно уредување на просторот со фонтани, клупи, придружни елементи, садови за отпадоци, паркинг за велосипеди, како и соодветно осветлување“, посочуваат од Градот.

Мега паркот во секој од трите дела, велат од таму,  има внатрешни пешачки патеки и дополнителни пристапни патеки. Предвидена е изградба на детско игралиште, игралиште за миленици и фитнес зона, со соодветни реквизити, како и изградба на паркинг за посетителите.

„Во Скопје, со оглед на состојбите со загадувањето кои се особено алармантни во зимските месеци, потребни се нови зелени површини, затоа силно се залагам да се реализираат програмските приоритети. Овој мега парк со своите содржини претставува нов простор во градот за рекреација, и квалитетно минување на слободното време и истиот ќе придонесе за подобрување на состојбите во поглед на животната средина, како бенефит за сите жители во ова населено место и воопшто за сите посетители. Вкупната вредност на проектот изнесува 68.500.000 денари“, рече градоначалничката Арсовска.