[Фото] Стотина средношколци се запознаа со работата на Радио МОФ

Средношколци од повеќе училишта денеска имат можност да дојдат, влезат и ѕирнат во редакцијата на Радио МОФ, сега свежо реновирана, да ги запознаат новинарите и уредништвото и од прва рака да дознаат како се „пече“ новинарскиот производ. Исто така, кои се дневните задачи, улогата на медиумот, но и и аудио-визуелни алатки за работа на теми, емисии или анализи.

При овој Отворен медиумски ден, младите ги прошетавме низ редакцијата и дворчето, влегоа и во нашата тазе „глува соба“, па некои се испробаа и како водители на подкаст.

Меѓувремено, во разговорите со новинарите слушнаа како овој мал дигитален медиум, стартуваше од група ентузијасти од МОФ прво во стан во Капиштец, а потоа подрумот во куќа во Кисела Вода го претворија во релевантен младински медиум, кој низ годините покрива теми за човекови права, маргинализирани заедници, активизам, супкултура, квалитетно образование и хумано живеење.

Младите слушнаа дека тука работи екипа што се држи до етичкиот Кодекс на новинари, ама тука работи и екипа што сака да се дружи, да комуницира со млади луѓе што ни даваат идеи како да се подобриме. Слушавме предлози, слушнавме и критики. Заедно дискутиравме и за дигитална и информациска писменост.

Со овој настан, Радио МОФ се приклучи на овогодишните Денови на на медиумска писменост.