Отворен ден во Радио МОФ на 28 октомври

Радио МОФ во склоп на Деновите на медиумска писменост организира Отворен ден, кој ќе се одвива во петок, 28 октомври од 10 до 12 часот. Сите заинтересирани млади имаат можност да дојдат, влезат и ѕирнат во редакцијата на Радио МОФ, да ги запознаат новинарите и уредништвото, но и да дознаат како се „готви“ новинарскиот производ.

Ќе ве прошетаме низ редакцијата, радиото и терасата (може ќе ги сретнете и нашите две мачки, ако не се пентарат некаде низ двор). Притоа, кој сака може да се испроба и како водител на подкаст во нашето радио.

Исто така, ќе слушнете како овој мал интернет медиум стартуваше од група ентузијасти во една куќа во Кисела Вода, а потоа низ годините станавме гласило на заедницата, постојано третирајќи теми за човекови права, маргинализирани заедници, активизам, супкултура, квалитетно образование или хумано живеење.

Ако кажеме нешто за себе, би се опишале како мултимедијална платформа фокусирана на млади и не-толку-млади, а постоиме веќе 11 години. Не е мала бројка. Веќе пораснавме! И, се гордееме со она што го правиме, тоа го покажуваат и наградите на рафтовите во нашата редакција. Ама, џабе фалење, ако признанијата не доаѓаат од самите читатели, гледачи, слушачи, инстаграмџии или фејсбукџии. Оние што редовно не’ следат, или оние што нашите содржини им стигнуваат преку алгоритмите на социјалните мрежи.

Тука работи екипа што се држи до етичкиот Кодекс на новинари, ама тука работи и екипа што сака да се дружи, да комуницира со млади луѓе што ќе ни дадат идеи како да се подобриме. Тука сме да слушаме критики и предлози, отворени во пристапот, па затоа и ве чекаме да дојдете. Не мора заедно да пиеме кафе, може и чај. Во кујната може и нешто да си зготвите, само треба да си понесете јадење :)

Нашата адреса е улица „Дренак 34/а“ (Ставаме и мапа за да се снајдете полесно низ уличките). Сакаме да ве запознаеме, ама и вие да не’ запознаете.

Поздрав дечки, се гледаме на 28-ми октомври!