„Си-Ен-Ен“ го намалува користењето на банерот „Ударни вести“

„Не сите вести треба да се означуваат како ударни“, е пораката на Крис Лихт, новиот главен извршен директор на „Си-Ен-Ен“ кон вработените.

Откако дојде на функцијата, Лихт одржа серија состаноци со новинарите на „Си-Ен-Ен“ за тоа кога и како мрежата го користи банерот „Ударни вести“ (Breaking news) по што дојде до заклучок дека треба да се оформи тим што ќе создава конкретни упатства за управување со црвениот банер.

„Ова е одличнна појдовна точка да се обидеме во „Ударни вести“ да пишуваме вести што укажуваат дека навистина нешто големо се случува. Ние ја пренесуваме вистината и треба да се фокусираме кон информирање, а не алармирање на читателите и гледачите. Веќе може да се забележи дека има помалку содржини на банерот ‘breaking news’ и нашиот глас треба целосно да го изразува тоа“, рече Лихт.

Давид Заслав, извршниот директор на „Варнер Брос Дискавери“ рече дека одмереното сфаќање на вестите на „Си-Ен-Ен“ е од суштинско значење за цивилизирано општество и клучно за медиумот да ја избегне сликата на застапувачка мрежа.

„Би сакал да видам како нашиот медиум евоулира назад кон новинарството како што и започна“, изјави Лихт.