Израелската полиција ја нападна поворката за убиената новинарка на Ал Џазира

Израелската полиција за брзо распоредување ги нападна и ги тепаше луѓето на вчерашната поворка за убиената новинарка на Ал Џазира, Ширин Абу Аклех во Ерусалим, предизвикувајќи привремено луѓето да го испуштат ковчегот.

Сцените на насилство дополнително го влошија бесот низ арапскиот свет кој следеше по смртта на новинарката која беше убиена од израелската војска во средата за време на нивна акција во окупираната територија Западен Брег. Овие настани ја потврдија и длабоката поделба во источен Ерусалим, на кој право полагаат и Израел и Палестина и предизвикува бранови на насилство со децении.

Илјадници луѓе со палестински знамиња беа присутни на погребот на новинарката. Од групата можеа да се слушнат извици како „Палестина! Палестина!“. Се смета дека ова е најголем палестински погреб во Ерусалим уште од смртта на Фајсал Хусеини, палестинскиот лидер кој почина во 2001 година.

Пред погребот голем број луѓе се собраа во поворката која го носеше ковчегот од болницата во источен Ерусалим до католичката црква во соседниот Стар Град. Набрзо потоа израелската полиција започна да ги турка и да ги удира насобраните луѓе. Безбедносните сили ги одземаа палестинските знамиња од рацете на луѓето и употреби шок-бомби за да го растури собирот.

Од Ал Џазира во соопштение до јавноста оваа полициска акција ја карактеризираа како „кршење на сите меѓународни норми и права“.

„Израелските окупаторски сили ги нападнаа оние кои жалеа за покојната Ширин Абу Аклех со рација на болницата во Ерусалим, каде силно ги тепаа носачите на ковчегот“, рекоа од Ал Џазира, додавајќи дека остануваат посветени на пренесување на вестите од овој регион.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, сликите кои пристигаа од Ерусалим ги нарече „многу вознемирувачки“.

По нападот, израелската полиција го следеше ковчегот кој беше сместен во црно комби, отстранувајќи ги палестинските знамиња од возилото додека се движеше на патот до црквата.

51-годишната Абу Аклех беше позната во арапскиот свет, синоним за известувањето на Ал Џазира за животот на Палестинците под израелска власт. Искусната новинарка во Палестина имаше статус на локален херој.