Новинарка на Ал Џазира убиена при известување за израелски напад во Палестина

Израелските воени сили ја застрелале и убиле искусната новинарка на Ал Џазира, Ширен Абу Аклех, информираше палестинското министерство за здравство, пренесе Ал Џазира.

51-годишната Абу Аклех известувала за израелските напади на бегалскиот камп Јенин, во окупираната територија на Западниот Брег, кога била погодена во лице од куршум.

Во нападот бил ранет и палестинскиот новинар Али Ал-Самуди, но тој е вон животна опасност.

Во видеоснимка од инцидентот може да се види како Абу Аклех носела син панцир со обележје дека станува збор за новинар.

Новинарите на Ал Џазира испратија пораки на сочуство за семејството на Абу Аклех и изразија жалење за нивната загуба.

Ширен, за секој палестински новинар и за секој арапски новинар е пример кој го загубивме денеска. Трагичните слики кои ги видовме на социјалните мрежи, како таа е погодена во глава, покажуваат дека нападот дошол од израелски снајпер кој пукал директно во неа. До последниот момент Ширен Абу Аклех беше професионална и истрајна“, изјави новинарот на Ал Џазира, Тамер Мишал.

Последната порака од Абу Аклех испратена до Ал Џазира била преку мејл во 6:13 часот во кој таа напишала: „Окупаторските сили вршат напад на Јенин и опколија куќа во маалото Јабријат. Одам натаму, ќе ви пренесам вести во моментот кога сликата ќе стане појасна“.

Од израелската војска потврдиле дека спроведувале акција во бегалскиот камп Јенин, но отфрлаат дека намерно таргетирале новинари.

„Армијата, се разбира, не гаѓа кон новинари“, изјавил претставник на војската.

Од војската додаваат дека имало размена на оган помеѓу осомничени лица и безбедносните сили и дека во моментов го истражуваат инцидентот и разгледуваат дали е можно новинарката да била застрелана од палестински напаѓач. Израелскиот министер за надворешни работи, Јаир Лапид, најави дека земјата понудила да се спроведе заедничка истрага со Палестинците.