ОЈО подигна обвинение за насилство за нападот врз новинарската екипа на ТВ 24

Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за кривично дело „насилство“ во врска со нападот на новинарската екипа на ТВ 24 кој се случи минатата недела.

Од ОЈО соопштија дека обвинетиот 67-годишник, на 14 ноември, со грубо навредување и со грубо насилство ја загрозил сигурноста на телевизиска екипа која снимала прилог во близина на неговиот дом.

„Тој најпрвин вербално, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со десниот лакт кон левата долна вилица и нанесувајќи му телесна повреда  – набиеница. Кај присутните сведоци на настанот – новинар и возач на телевизиската екипа, обвинетиот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, велат од Обвинителството.

Од Обвинителството информираат и дека побарале продолжување на куќниот притвор за обвинетиот, бидејќи се уште постоеле основите поради кои првично била определена оваа мерка.

Екипата на ТВ 24 беше физички и вербално нападната додека снимала инсерти пред куќата во која според официјалните документи е пријавено престојувалиштето, на контроверзниот украински олигарх Олександр Онишченко.