Соња Колевска-Делевска ја доби наградата за истражувачко новинарство на ЗНМ

Новинарката Соња Колевска-Делевска, од СДК.мк е овогодишната добитничка на наградата „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија која ја доделува Здружението на новинари на Македонија.

Колевска-Делевска наградата ја доби за нејзиниот серијал текстови за случајот со Тони Сали, младо момче, лице без државјанство, кое минатата година почина откако цела деценија водеше битка за да добие матичен број и извод на родени.

„Сакам да се заблагодарам на редакцијата на СДК.мк за поддршката, ама и за тоа развиено чувство да се препознаат вакви приказни и да им се даде предност. Темите за човекови права станаа наш препознатлив бренд, ние ќе продолжиме во таа насока, особено да ги третираме проблемите на луѓето чиј глас никако не може да се слушне во општеството“, рече Колевска-Делевска во своето обраќање по доделувањето на наградата.

Новинарката Јадранка Костова, долгогодишната уредничка на „Фокус“, ја доби наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, додека наградата за известување на теми од локално и регионално значење ја добија новинарките Убавка Јаневска и Даниела Саздова од порталот Дума.мк.

Жири комисијата информираше дека оваа година пристигнале 47 апликации за наградите кои ги доделува ЗНМ, од кои 27 биле за наградата за истражувачко новинарство.

„Одамна не сум се чувствувал заинтригиран, мотивиран и сигурен да кажам дека треба да се има верба во македонското новинарство. Прочитавме и прегледавме стотина страници прониклив новинарски труд, на одлично осмислени и реализирани истражувачки стории. И ви велам – не кудете го македонското новинарство. Тоа е оживеано, сè поаргументирано, поверодостојно и сè пообестрашено. Се влегува во темите на општествената и политичка декаденција, во држава во која сè уште не владее скромност и штедливост со зборот и парите. Нема табу теми, недопирливи поединци и моќници. Сè повеќе има истенчен новинарски нерв да се открие неправдата, насилништвото, немоќта на институциите, да се трага по правдата и загрозувањето на човековите права и слободи“, рече Александар Чомовски, дел од жири комисијата.