Новинарката Ирена Каревска ја доби наградата „Никола Младенов“ за случајот „Рашковски“

Новинарката Ирена Каревска од „360 Степени“ ја освои годинешната награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2021 година, која ја доделува Македонскиот институт за медиуми.

Таа го доби признанието за нејзиниот серијал телевизиски прилози преку кои го истражуваше случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци од поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Наградата за Најдобар иновативен новинарски производ ја доби новинарката Катерина Топалова за мултимедијалната сторија „Од партиска крава до златна кокошка “ објавена на интернет-платформата „Само прашај“, додека наградата за најдобра репортерска фотографија му се додели на фоторепортерот Игор Бансколиев, за фотографијата на тема „Херојот од Дељардовце“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“.

Жири комисијата изрази задоволство од квалитетот на пристигнатите новинарски истражувања, а членовите посебно го истакнаа квалитетот на неколку пријавени стории, како оние на Бојан Шашевски од Радио МОФ, Гоце Трпковски, Валентина Вурмо и Соња Колевска-Делевска, а додели пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата најдобра истражувачка сторија на новинарот Влатко Стојановски.

На вчерашниот настан Македонскиот институт за медиуми одбележа и 20 години постоење.