Гутереш: Владеењето на правото во голем ризик да се претвори во власт на беззаконие

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, предупредува дека владеењето на правото е во голем ризик да стане „власт на беззаконие“, посочувајќи ги серијата на незаконити акции низ светот – од руската инвазија во Украина и пучовите во Африка, до програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја и авганистанскиот напад врз правата на жените.

Гутереш пред Советот за безбедност на ОН истовремено ги спомена и примерите за кршење на човековите права во Хаити и нарушување на владеењето на правото во Мјанмар, откако војската во пуч ја сруши од власт избраната влада на Анг Сан Су Чи во февруари 2021 година, што доведе до круг на насилство, репресија и тешки кршења на човековите права.

„Од најмалото село на глобалната сцена, владеењето на правото е единственото нешто што стои меѓу мирот и стабилноста и бруталната борба за моќ и ресурси“, рече Гутереш.

Тој додава дека граѓаните во секој регион од светот страдаат од ефектите на конфликтите, убиствата, растот на сиромаштијата и гладот, додека државите продолжуваат да го игнорираат меѓународното право без никакви последици, вклучително и преку тоа нелегално да употребуваат сила и да развиваат нуклеарно оружје.

Како еден од главните примери за кршење на владеењето на правото Гутереш ја посочува руската инвазија врз Украина од 24 февруари. Војната, според него, предизвикала хуманитарна катастрофа и кршење на човековите права, трауматизирала генерација деца и ја забрзала светската енергетска криза и кризата со храна. Тој го спомена и руското анексирање на четирите украински региони во септември минатата година, како и анексирањето на Крим од 2014 година, потенцирајќи дека секоја анексија која е последица на закана со употреба на сила е нарушување на Повелбата на ОН и на меѓународното право.

Шефот на ОН ги осуди и незаконските убиства и екстремистички акти врз Палестинците и Израелците во 2022 година и посочи дека проширувањето на израелските населби во Западниот Брег „предизвикува бес и очај“.

На глобално ниво, генералниот секретар порача дека владеењето на правото е основа на Обединетите Нации и дека клучно за нивните напори е наоѓање на мирни решенија за овие конфликти и другите кризи.

Тој ги повика сите 193 земји членки на ОН да ја почитуваат визијата и вредностите на Повелбата на ОН и Универзалната декларација за човекови права, да го следат меѓународното право и на мирен начин да ги решаваат споровите.