[Фото] Нов мурал во Прилеп со цитат на Марко Цепенков

„Правината се танчи, ама не се кинит“, цитатот од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист, Марко Цепенков, ќе стои на мурал на предната фасада на Центарот за култура во Прилеп, кој го носи неговото име.

Муралот е дел од „Јазикот коски нема, но коски крши“ – проект на визуелната уметница Ивана Самандова со поддршка на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ) и Mинистерството за култура.

Како што велат од ФРУ, Ивана Самадова за муралот е придружена од уметниците Методи Исков и Александар Џинго.

Фото: Акто

„Фокусот на муралот е пренасочен на величината на Марко Цепенков, како една од најистакнатите фигури во македонската историја и култура. Идејата зад муралот е создавањето ‘искра’ и љубопитност кон истражувањето и врската меѓу современиот свет и историското културно наследство“, посочуваат од ФРУ.

Од таму дополнуваат дека проектот цели кон избегнување на централизираноста на културата и уметноста во само еден град, а соработката помеѓу Центарот за култура во Прилеп и локалните уметници е стремеж кон визуелно осовремување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција која корелира со предизвикот и играта на архитектурата.

Фото: Министерство за култура

За муралот се јавија и од Министерство за култура, посочувајќи проектот е поддржан на конкурсот „Цртај на македонски“.

„Младите го препознаа нашиот повик и преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за македонскиот јазик, идентитет, култура и историја“, посочија од министерството.

Фото: Министерство за култура