Австралијанците протестираат против насилство врз жените

Низ Австралија се одржаа собири како одговор на бранот неодамнешно насилство врз жените.

Демонстрантите бараат родово базираното насилство да се прогласи за национална вонредна состојба и да се воведат построги закони, пренесува Би-Би-Си.

Премиерот Ентони Албанезе рече дека ова е прашање на национална криза.

Во Австралија, оваа година во просек на секои четири дена била убиена жена.

Организаторот Мартина Ферара рече: „Сакаме владата да признае дека ова е итна состојба и да преземе акција веднаш“.

Говорејќи на маршот во главниот град Канбера на кој присуствуваа илјадници демонстранти, Албанезе призна дека владата на сите нивоа треба да направи подобро.

„Треба да ја промениме културата, ставовите, правниот систем и пристапот на сите влади“, рече тој.

„Треба да се погрижиме ова да не зависи од жените, туку од мажите да го променат и однесувањето на мажите“, додаде тој.

Одговарајќи на повиците на демонстрантите насилството врз жените да се класифицира како национална вонредна состојба, Албанезе рече дека ваквата класификацијата вообичаено се користи за време на поплави или пожари, со цел да се ослободи привремено насочување финансии за потребите на таков вид состојба.

„Не ни треба еден месец или два месеци – треба да го решиме ова на сериозен начин, недела по недела, месец за месец, година во година“, рече тој.

Неговите коментари беа пречекани со мешавина од реакции и овации.

Но, федералниот јавен обвинител на Австралија, Марк Драјфус, го отфрли одржувањето на посебна комисија за родово базирано насилство.

Како што пренесува Би-Би-Си, Албанезе го нарекол родовото насилство епидемија, а во 2021 година претходно се одржаа маршеви низ целата земја поради наводите за сексуалните напади поврзани со австралисиот парламент и конзервативната влада.

Неодамнешните убиства го ставија ова прашање повторно во центарот на вниманието.

Претходно овој месец, маж избоде шест лица до смрт во трговски центар во Сиднеј. Пет од жртвите се жени, а полицијата проверува дали тие биле мета.