Со 141 глас Обединетите Нации ја осудија руската инвазија врз Украина

Обединетите Нации (ОН) со огромно мнозинство ја усвои резолуцијата со која се осудува руската инвазија врз Украина и повикува на итно повлекување на воената сила.

На итното заседание на Генералното собрание на ОН од вкупно 193 земји членки, 141 гласаа „за“, 35 држави беа воздржани, додека само 5 држави гласаа против. Единствените држави кои изразија поддршка на Русија се Белорусија, Северна Кореја, Еритреја и Сирија. Долгогодишните руски сојузници, Куба и Никарагва се придружија на Кина и беа воздржани.

Во резолуцијата пишува дека ОН е „силно спротивставена на агресијата од Руската Федерација врз Украина“. Во текстот се бара и „Руската Федерација веднаш да прекине со користењето на сила против Украина“ и „итно, целосно и неусловено повлекување на сите нејзини воени сили“, пренесе Гардијан.

Резолуцијата не е правно обврзувачка, но ја покажува волјата на земјите членки на ова тело со намера да се изврши дополнителен притисок врз властите во Москва и Белорусија.

„Ова нема да ги спречи руските сили во нивните намери, но е прилично голема дипломатска победа за Украинците и САД и сите кои ги поддржуваат“, објаснува Ричард Гован, директорот на Меѓународната кризна група на ОН.

Украинскиот претставник во ОН, Сергиј Кислитсја, зборувајќи пред гласањето им се обрати на државите кои размислуваа да гласаат „воздржано“ од причина што „ова не е наша војна“.

„Тоа е грешка. Злото никогаш нема да престане. Тоа бара повеќе и повеќе простор за освојување. Доколку се толерира ќе напредува сè повеќе и повеќе. Предлог-резолуцијата е еден од темелите за градба на ѕид кој ќе го сопре ова зло во Украина и нема да го пушти да се шири“, рече тој.

Американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, ја спореди руската инвазија со освојувањата на Нацистите во Европа.

„Некои од најстарите Украинци и Руси можеби ќе се сетат на моментите како овие кога една агресивна европска нација изврши инвазија врз друга земја без да биде испровоцирана со цел да ја окупира територијата на нивниот сосед. Моментите кога еден европски диктатор објави дека ќе ја врати поранешната слава на неговата империја и инвазија која предизвика толку страшна војна што го поттикна создавањето на оваа организација во која се наоѓаме“, рече таа.

Рускиот претставник, Васили Небензја, ги повтори тврдењата на Москва дека нивната војска не напаѓа цивилни подрачја.

„Знаеме за досега невидениот притисок кој нашите западни партнери го прават на голем број земји повикувајќи ги да гласаат како што тие мислат дека треба. Ова не е нешто што дури може да го наречеме притисок. Се работи за отворени и цинични закани“, рече тој.

Шест од сојузниците на Москва кои ја поддржаа Русија во 2014 година, при слично гласање по анексирањето на Крим, овој пат гласаа воздржано. Станува збор за Ерменија. Боливија, Куба, Никарагва, Судан и Зимбабве.

За резолуцијата со која се осудува руската инвазија гласаа и Унгарија и Србија, две европски земји со многу блиски односи со Москва.