„Најважниот повик во вашиот живот“ – Активисти ја повикаа руската дијаспора да се јавува дома за ставање крај на војната

Група литвански активисти започнаа кампања во која повикуваат руската дијаспора низ целиот свет да ги земат телефоните и да се јавуваат на свои сонародници во Русија.

Целта е Русите да комуницираат меѓусебно, без оглед каде се наоѓаат, за да се стави крај на војната во Украина.

„Мислам дека единствените луѓе кои можат да ја сопрат оваа војна се руските граѓани“, вели Паулис Сенута, еден од организаторите на кампањата.

Активистите покренаа интернет страница наречена „Повикај ја Русија“ на која постои копче преку кое сајтот генерира еден од 40 милиони телефонски броеви низ целата држава.

Според Сенута во првите две дена од нивната кампања имале регистрирано околу 32.000 повици. Реакциите засега се помешани – некои од луѓето не се јавуваат на телефонот, други го исклучуваат повикот, но некои руски жители се расположени да разговараат.

Корисниците на нивната страница се замолени да пополнат куса анкета за тоа како поминал нивниот повик, а според Сенута досега 50% од повиците биле успешни, пренесува Еуроњуз.

Во моментов најголемиот број медиуми во Русија се под контрола на државата и во руските информативни изданија тоа што се случува во Украина не е војна.

Иако дел од луѓето знаат за што станува збор, многу жители на Русија и понатаму веруваат дека станува збор за „специјална операција“ во која нема многу жртви и дека рускиот напад е позитивен, во кој се спасуваат Украинци и им се дава помош.

„Руската пропагандна машинерија е масивна и застрашувачка. Независните медиуми се згаснуваат, новинарите се замолчуваат. Странските медиуми и социјалните мрежи се блокираат. Веќе нема никој кој може да ја каже вистината, да покаже слики од уништени болници, убиени деца или цивили кои се под опсада“, стои во една од пораките на сајтот.

Сенута нагласува дека е важно на овие броеви да се јавуваат луѓе кои ќе зборуваат руски, бидејќи не сите Руси зборуваат англиски. Дополнително, англискиот јазик може да се смета како јазик на агресорот и повикот да не помине според очекуваното.

Според него во моментов има околу 30 до 40 милиони Руси кои живеат надвор од својата матична држава. Доколку секој од нив направи по еден повик, тоа според Сенута ќе биде доволно. Тој додава дека целта на повиците не е целосно да се смени мислењето на личноста, но во соработка со психолози на нивниот вебсајт објавиле список на совети за тоа кој е најдобриот начин да се води разговорот.

„Прашајте ги колку се запознаени со она што се случува во Украина“, „Споделете го со нив она што сте го виделе на стотиците слики, видеа или пак при разговор со луѓето што ги знаете“, „Покажете симпатија“, „Запомнете и да сослушате, а не само да зборувате“, „Најголемиот број луѓе ќе се сложат дека смрт на луѓе не е добра работа“, наведено е во дел од советите.