Украинците во С. Македонија со апел за хуманитарна помош за Украина

Здружението на Украинците во Република Северна Македонија „Лесја Украинка“ и Меѓународниот штаб за помош на Украинците испратија апел до граѓаните за донирање хуманитарна помош во врска со настанатата хуманитарна катастрофа во Украина.

Тие велат дека секоја помош е добредојдена, а граѓаните можат да донираат на некој од нивните пунктови отворени во Скопје.

На Плоштадот „Македонија“ поставен е шатор за хуманитарна помош кој е отворен секој ден од 8 до 20 часот, а пункт има и во магацинот на компанијата „Кодинг Горска“ на улица „Шарпланина бр.4“ во Ѓорче Петров секој работен ден од 10 до 19 часот и во сабота од 10 до 14 часот.

За подетални информации граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 071/755 – 818.

„Лесја Украинка“ изминатиов викенд организираше протест против руската инвазија врз Украина. Претседателот на Здружението, Олександар Урбанович, информираше дека покрај пунктовите во Скопје, места за собирање хуманитарна помош има и во Делчево, Крива Паланка, Охрид, Битола, Прилеп и Тетово.