Европската комисија усвои документ со кој се штити независноста на новинарството

Европската комисија (ЕК) го усвои Европскиот акт за слобода на медиумите, нов сет на правила за заштита на плурализмот и независноста на медиумите во Европската Унија (ЕУ), јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Предложената уредба, меѓудругото вклучува мерки за заштита од политичко мешање во уредувачките одлуки и надзорот. Фокусот е ставен на независноста на стабилното финансирање на јавните медиуми, како и на транспарентноста на медиумската сопственост и дистрибуција на државното рекламирање.

Тој, исто така, утврдува мерки за заштита на независноста на уредниците и откривање на конфликти на интереси. Конечно, законот ќе се бави со прашањата за концентрацијата на медиумите и ќе создаде нов независен Европски одбор за медиумски услуги, кој ќе се состои од национални медиумски власти.

Дополнително, комисијата усвои комплементарна препорака за поттикнување внатрешни мерки за заштита на уредувачката независност.

Збирот правила усвоени од ЕК вклучуваат заштита на уредувачката независност, забрана за употреба на шпионски софтвер против медиумите, соодветно финансирање на јавните услуги за да се обезбеди уредувачка независност. Истовремено, правилата вклучуваат и обврска на земјите-членки да го проценат влијанието на концентрацијата на медиумски пазар на медиумскиот плурализам и уредувачката независност, како и заштита на медиумските содржини на онлајн платформите.

Според усвоениот европски акт за слобода на медиумите, од земјите-членки на ЕУ ќе се бара да ја почитуваат ефективната уредувачка слобода на давателите на медиумски услуги и да ја подобрат заштитата на новинарските извори.

Дополнително, давателите на медиумски услуги ќе треба да обезбедат транспарентност на сопственоста со јавно објавување на таквите информации и да преземат мерки за да се гарантира независноста на поединечните уредувачки одлуки.

Усвоени се „силни“ мерки за заштита од употреба на шпионски софтвер против медиумите, новинарите и нивните семејства. Што се однесува до јавните служби, уредбата предвидува директорот и управниот одбор на јавниот сервис да се именуваат на транспарентен, отворен и недискриминаторски начин.

Со усвоениот акт, ќе се воспостават нови услови за доделување на државно огласување на медиумите, за процесот да биде транспарентен и недискриминаторски.

Со актот, според најавата исто така ќе се подобри и транспарентноста и објективноста на системот за мерење публика, што влијае на приходите од рекламирање во медиумите, особено преку интернет.

Европскиот акт за слобода на медиумите вклучува и заштитни мерки против неоправдано отстранување на медиумска содржина произведена во согласност со професионалните стандарди.