Панел дискусија по повод Денот на македонскиот јазик во НОБ

По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, утре, на 5 мај во Националната опера и балет, со почеток во 12 часот, ќе се одржи панел-дискусија во насока на афирмацијата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Во организација на Министерството за култура, на дебатата учество ќе земат министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, како и министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

На дебатата ќе учествуваат и каи Елена Јованова-Грујовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Наташа Аврамоска од Институтот за македонска литература, Људмил Спасов од Советот за македонски јазик и Весна Мојсова-Чепишевска од Семинарот за македонски јазик, литература и култура.

Под модераторство на Ана Јовковска, на дискусијата ќе се разговара на повеќе теми поврзани со заштитата и афирмацијата на јазикот, за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, за дигитализацијата на досиејата на Институтот за македонски јазик, за опстојувањето на македонскиот јазик до неговото стандардизирање во 1945 година, како и за јазикот низ новите медиуми.

„Во чест на одбележувањето на 5 Мај, денот кога Народната влада на Федерална Македонија ја усвои македонската азбука како официјално писмо на македонскиот јазик, утре ќе се одржат и неколку културни настани – проекција на филмот ‘Јанѕа’, концерт на Музичката младина на Македонија, како и концерт на составот ‘Црно собрание’“, потсетуваат од Министерството.

Оваа година одбележувањето на Денот на македонскиот јазик е под слоганот „Пишувај на кирилица!“, со акцент на употребата на кирилското  писмо во секојдневната електронска комуникација, особено преку мобилните уреди.