Објавени резултатите од конкурсите за проекти во културата, дел од авторите повторно сакале да го изиграат системот

Министерството за култура ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Ова година Конкурсот за првпат беше реализиран електронски, а рокот за аплицирање беше два пати продолжен поради технички пропусти при поднесувањето на апликациите.

Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска информираше дека на Конкурсот пристигнале 3.769 валидни пријави, а вкупно за поддршка на проекти ќе бидат издвоени нешто над 1 милијарда денари. Најмногу буџетски средства од оваа Годишна програма се издвоени за музичка дејност, по што следуваат издавачката и драмската дејност.

„Министерството за култура во 2022 година поддржа проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, со распределба на буџетските средства во услови на пандемија и на економска криза, без да се наруши принципот на приоритет на квалитетот, а не на квантитетот. Во вакви услови, дадена е предност на домашната „жива култура“. Особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста, а еднакво се водеше сметка за правичната застапеност по етничка основа и за родовата рамноправност“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката посочи дека и оваа година дел од апликантите се обидувале да го изиграат системот – од барања на превисоки суми, до конкурирање со стари, реализирани или веќе поддржани проекти од Министерството за култура. Имало и случаи кога ист автор бил пријавен во повеќе улоги во различни претстави, и покрај потпишаната изјава дека конкурира во само еден проект, пријави од лица кои не се македонски државјани, па се` до потписи на починати лица или лица кои воопшто не знаеле дека се предложени во конкретен проект.

„За жал има пријави кои не го задоволуваат ниту насловот на Конкурсот, но ние и добрите и лошите примери ги земаме како искуство за подобрување на годинешните конкурси“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Претседатели на комисиите што ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска;  за драмска дејност – Синоличка Трпкова; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Јашар Сејдиу; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Енвер Абдулахи;  за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Валентино Димитровски; за музејска дејност – Фросина Зафировска; за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

Целосниот список на поддржани проекти може да го најдете на следниов ЛИНК.