Три концерти за затворањето на „Offest“

Овогодинешното издание на „Offest“ ќе биде заокружено вечерва, 4 јуни, со два концерти во Националната опера и балет (НОБ) и еден полноќен концерт во денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ).

На сцената во НОБ ќе се качи Марија Мацота, за која организаторот вели дека нејзината уникатна сестраност и’ е клучна состојка што ја прави една од најзначајните појави на музичката сцена во регионот Апулија во Италија.

„Таа се движи природно, со беспрекорна леснотија, меѓу звуците на Јужна Италија и влијанијата на балканската музика, освојувајќи ја публиката со нејзината искрена интерпретација што нурнува длабоко во културите на изведуваните композиции“, најавија од „Offest“.

Исто така, во НОБ ќе настапува и Ненси Виеира, една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зеленортските Острови (Кабо Верде), поточно нивната „морна“, национален музички стил којшто неодамна беше прогласен од УНЕСКО како нематеријално наследство на човештвото.

„А на сцената, таа е една од најсилните чувари на ова наследство, претставувајќи го низ целиот свет. Нејзината музика, која зборува за патувањата и морето, за копнежот и далечината, опстојува на различни фреквенции, нешто што секогаш им дава посебна динамика на нејзините концерти, на кои таа секогаш претставува ‘морни’, ‘фунани’, ‘коладери’ и звук што се шири низ океанот и светот“, посочуваат од „Offest“

За финалето на фестивалот во МКЦ се најавени енергичните „Сантрофи“. Дури и без издаден албум, тие веќе го потпалија светот полудувајќи ја публиката низ цела Европа со својата летна турнеја во 2019-та, вклучувајќи ги фестивалите Sines (Португалија), WOMAD (Велика Британија), Roskilde (Данска) и WOMEX (Финска).

„На овој млад деветчлен олстар бенд од Гана не му недостигаат талентирани музичари и енергија на сцената. Нивниот деби-албум ‘Alewa’ испорачува – директно од улиците на Акра – нов бран свеж highlife звук вкоренет во минатото, но со поглед кон иднината“, посочуваат организаторите.

Инаку, овогодинешниот „Offest“ започна на 1 јуни со македонски музички сили во НОБ, со концертот на номадите „Перија“ и традиционалните негувачи на чалгиската музика „Добрила и Дориан дуо“. Втората вечер беше резервирана за еден од најзначајните современи мајстори на инструментот кора, Балаке Сисоко од Мали, но и за бразилскиот вундеркинд Лукас Сантан.

Синоќа во киното „Фросина“ во МКЦ имаше проекција на документарниот филм „The Rumba Kings“ кој ја воспеваше епската потрага по конгоанската румба. Нешто подоцна во МКЦ се случи и експлозивна инструментална сеанса на колумбиското трио „Los Pirañas“, концерт што ја размрда публиката на „Offest“.

Бојан Шашевски