„Оффест 2021“ ќе понуди свежа програма од 9 до 13 ноември

Дваесеттото издание на „Оффест“ ќе се одржи од 9 до 13 ноември во Скопје. Според организаторите, планираната програма е свежа, разновидна и возбудлива, една од најинтересните во скорешната историја на фестивалот.

„Сеќавањата на делото на големата португалска пејачка легенда Amália Rodrigues (1920-1999) ќе бидат освежени со настапот на извонредното дуо LINA_RAÜL REFREE (Португалија/Шпанија) коешто испорачува осовремено и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници, како и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото“, велат организаторите.

Според најавите, мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на триото ŠIROM (Словенија), во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и воедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика KIKO DINUCCI, ветуваат исклучително концертно доживување од највисок ранг.

„Конечно, величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори BLICK BASSY (Камерун/Франција) одлично се вклопува во неодоливиот шарм, визија и поезија на PIJAN SLAVEJ (Македонија), новиот проект на Бранислав Николов – фронтменот на Фолтин“, се вели во најавата за фестивалот.