„Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети во Национална опера и балет

На 18 март со почеток во 20 часот. на сцената на Националната опера и балет ќе се одржи изведба на една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“, на големиот италијански композитор Гаетано Доницети.

Во оперската претстава ќе учествува врвна солистичка екипа, предводена од нашата првенка Ана Дурловски во насловната улога, баритонот Марјан Јованоски ќе настапи во улогата на Енрико, додека во улогата на Едгардо ќе настапи Благој Нацоски. Во улогата на Рајмондо ќе настапи гостинот од Италија, Алесандро Абис, во улогата на Артуро – Никола Стојчевски, во улогите на Ализа и Нормано ќе настапат Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски.

Диригент на оваа психолошки фасцинантна опера е Иван Еминовиќ, режисер и сценограф е Лев Пулиезе од Италија, а костимограф Марија Пупучевска, концерт мајстор: Верица Ламбевска, хор мајстор: Ѓурѓица Дашиќ.

Од Националната опера и балет посочуваат дека „Лучија од Ламермур“ е трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го напишал либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Операта премиерно е изведена на 26.09.1835 г. во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 г. Либретото на операта ја содржи основата на приказната на Сер Скот, но Салваторе Камарано во драматуршката разработка на дејството воведува и други личности кои во делото на Скот не постојат.

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести. Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против КОВИД-19  или потврда за прележан КОВИД-19 со важност од 180 дена, односно 6 месеци, сметано од датумот на позитивен ПЦР тест. Задолжително е носење на заштитна маска.

Повеќе информации на следниов ЛИНК.