Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини на 26 мај во Националната опера и балет

На 26 мај, со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе се изведе оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини. Операта која е во режија на Џанкарло дел Монако е во рамките на 50. јубилејно издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.

Диригент е Даниеле Аџиман од Италија, кој диригирал со повеќе од 90 различни оркестри, режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, кореографијата е на Саша Евтимова, додека концерт мајстор е Јане Бакевски, а хор мајстор Јасмина Ѓорѓеска.

„Во насловната улога ќе настапи Ханиинг Цо-Петанај од Тајван. Таа е првиот кинески сопран, добитник на националната стипендија за соло пејачи од „Театро ала Скала“ и таму има солистички ангажман како првата кинеска Принцеза -Турандот во истоимената опера на фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго. Добитничка е на многубројни престижни награди. Во улогата на Калаф ќе настапи гостинот од Бугарија, Иван Момиров. Критичарите го признаваат неговиот талент заради длабокото проникнување во улогите што ги толкува, полниот тон и јасната дикција. Во досегашната кариера остварил над 30 главни ролји и соработувал со светски реномирани диригенти. Во улогата на Лиу ќе настапи нашиот сопран Злата Тошевска, во улогата на Тимур, првенецот Игор Дурловски. Во улогите на Пинг, Панг, Понг: Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев. Мандарин: Диме Петров, Алтоум: Мирослав Антовски. Хорот, оркестарот и балетскиот ансмбл на Националната опера и балет“, се додава во најавата за настанот.

„Турандот“ е опера во три чина, напишана по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци.

„Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. ‘Турандот’ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, ‘Никој не спие’ (‘Nessun dorma’)“, посочуваат од Националната опера и балет.