Oперската претстава „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети на „Мајски оперски вечери“

Во рамките на јубилејното 50. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“ на 18 мај, со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе се изведе една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“ на големиот италијански композитор Гаетано Доницети.

Во оперската претстава ќе настапи врвна солистичка екипа, предводена од Ана Дурловски во насловната улога. Баритонот Борис Трајанов ќе настапи во улогата на Енрико, додека во улогите на Едгардо и Рајмнодо ќе настапат гостите од Италија, Оресте Козимо и Алесандро Абис, во улогата на Артуро – Никола Стојчевски, во улогите на Ализа и Нормано ќе настапат Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски. Хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Диригент на е гостинот од Италија, Алесандро д’ Агостини, режисер и сценограф е Лев Пулиезе (Италија), а костимограф Марија Пупучевска, концерт мајстор: Јане Бакевски, хор мајстор: Ѓурѓица Дашиќ.

„Лучија од Ламермур“ е трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го напишал либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Операта премиерно е изведена на 26.09.1835 г. во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 г. Либретото на операта ја содржи основата на приказната на Сер Скот, но Салваторе Камарано во драматуршката разработка на дејството воведува и други личности кои во делото на Скот не постојат.