МОН: Се печатат сите одобрени учебници од прво до седмо одделение, учениците ќе ги добијат навреме

„Започна печатењето на сите учебници од прво до седмо одделение во основното образование кои досега се одобрени од Националната комисија за учебници и ќе се применуваат во учебната 2024-2025 година“, соопштуваат од Министерството за образование и наука (МОН).

Од таму уверуваат дека учениците новата учебна година ќе ја започнат со целосно нови испечатени учебници на нивните клупи.

„Кон крајот на овој месец или најдоцна на почетокот на јуни ќе биде извршена испораката до сите основни училишта во државата, согласно побараниот тираж на учебници од секое училиште“, велат од ресорното минстерство.

Инаку, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) лани утврди дека МОН не обезбедило 43 учебници по задолжителни и изборни предмети на почетокот на учебната година или 34% од вкупниот број учебници потребни за деветгодишното основно образование.

Комисијата на 4 септември соопшти дека дала препорака до МОН да ги обезбеди овие учебници и за тоа писмено да ја извести Комисијата најдоцна до 31 август 2023 година. По ова, КСЗД поднесе тужба за дискриминација од јаен интерес против Министерството за образование и наука.

КСЗД: Недостигаат 43 учебници по различни предмети во основното образование