МОН за недостигот на учебници вели дека изработката е комплексен процес

Откако вчера Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) соопшти дека Министерството за образование и наука (МОН) не обезбедило 43 учебници по различни предмети за основно образование, од Министерството со став дека изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание.

Велат дека сите активности од нивна надлежност за изработка на учебниците согласно законските и подзаконските акти се започнати и извршувани навремено.

„Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници“, се вели во ставот на МОН.

Од Комисијата вчера соопштија дека од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на училишната година, МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34% учебници.

Учебници по сите предмети согласно новата Концепција за основно образование имаат само учениците во прво и второ одделение, додека учениците во трето и шесто одделение учебната година ја започнаа без ниту еден учебник.

Учениците од петто одделение ќе немаат учебник по новиот предмет „Историја и општество“. Се работи за учебникот кој беше одобрен од Националната комисија за учебници уште на  3 ноември 2022 година, испечатен и дистрибуиран до училиштата, но заради клучни содржински грешки беше повлечен од употреба во мај 2023 година.

Со ова, КСЗД утврди дека МОН не ја отстраниле повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок, што било нивна законска обврска.

Кога една препорака не е спроведена, Комисијата има обврска да покрене прекршочна пријава против утврдениот дискриминатор. Тука станува збор за дискриминација на голема популација што ја прават институциите. Во таков случај Комисијата, согласно законот, има право да поведе пред суд тужба од јавен интерес против државните институции кои не ја отстраниле дискриминацијата.

КСЗД: Недостигаат 43 учебници по различни предмети во основното образование