МОН вели учебници ќе има, ама за предметите за кои уште нема ќе се користат електронски помошни материјали

По обвинувањата во јавноста дека и во новата учебна година институциите потфрлиле и учениците повторно ќе се соочуваат со недостаток на учебници по одредени предмети од Министерството за образование и наука (МОН) повикаа да не се шират дезинформации и политичките субјекти да помогнат за унапредување на квалитетот на образовниот систем преку конструктивни сугестии.

Од МОН велат дека учебници за учениците ќе има, но истовремено посочуваат дека мал дел учебници, кои не се испечатени се всушност сé уште во постапка, односно за одобрување на истите одлучува Националната комисија за учебници, по чија одлука и тие ќе бидат испечатени и испорачани. За овие предмети ќе има на располагање електронски помошни материјали за учениците.

„Во време кога се спроведува најкрупната образовна реформа во државата, преку Концепција која е резултат на инклузивен пристап со учество и согласност на сите засегнати страни, не е потребно креирање невистини само за да се создадат непотребни грижи кај учениците и семејствата на учениците, околу тоа дали институциите и образовните установи се подготвени за успешен почеток и тек на учебната година. Веднаш да информираме дека учебници за учениците ќе има. За време на летниот период годинава, Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември истите ќе бидат испорачани до училиштата и на располагање на учениците. Еден мал дел учебници, кои не се испечатени се всушност сé уште во постапка, односно за одобрување на истите одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани. Во меѓувреме на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои ќе ја збогатат наставата. Истите се изработени од страна на Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб страната на Бирото. Секако, постои можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати“, соопштија од МОН.

Оттаму појаснуваат и за интегрирањето на предмети според новата Концепција за основно образование, со која не се предвидува укинување на содржини.

„Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично. Транспарентно, во многу наврати досега информиравме на кој начин ќе се предаваат овие интегрирани содржини. Важно е да се истакне дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, заради воведување на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење“, додаваат од МОН.

Од Министерството посочуваат дека ќе продолжат со имплементацијата на Концепцијата, додавајќи дека досега успешно се спроведени две фази, а следи третата која ги опфаќа трето и шесто одделение.