МОН објави новогодишен ликовен конкурс за учениците од основно образование

Министерството за образование и наука (МОН) објави ликовен конкурс за учениците од основно образование на тема „Светот кој го сакам во 2023 година“.

„Во каков свет сакаат да живеат во 2023 година и кои се нивните желби и очекувања, основците ќе можат да илустрираат преку цртежи и со истите да се натпреваруваат на ликовниот конкурс по повод новогодишните празници“, велат од МОН.

Конкурсот предвидува натпревар во три категории, за ученици од прво до трето одделение, од четврто до шесто одделение и за ученици од седмо до деветто одделение. Цртежите треба да бидат оригинални, плод на трудот и знаењето на ученикот, инспирирани од предизвиците на учењето во тековната учебна 2022/2023 година.

Според правилата за учество, секој ученик кој сака да учествува, може да испрати само еден индивидуален авторски ликовен труд во само една категорија, соодветна на одделението во кое учи. Крајниот рок за аплицирање е 23 декември 2022 година, а резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 31 декември годинава.

Од МОН информираат дека победниците во секоја одделна категорија ќе бидат доследно наградени, а наградите ќе им бидат врачени на средба во Министерството.

Повеќе информации за учество на конкурсот може да се најдат тука.