Се дистрибуираат новите учебници за основно образование, соопшти МОН

Во текот на вчерашниот ден започна испораката на новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование и истата ќе се заокружи во следните две недели, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).

„Станува збор за 52 учебника изработени согласно нови наставни програми и напишани на сите јазици на кои се изведува наставата во основните училишта во државата – македонски, албански, турски, српски и босански јазик. Тие ќе ги заменат наставните материјали кои ги користат најмалите ученици, а ја обработуваат материјата за првото тримесечје“, објаснуваат од МОН.

Истовремено, оттаму велат дека продолжува и печатењето на повеќе нови учебници за средно стручно образование, и додаваат дека заедно со другите надлежни институции континуирано ќе продолжат да вложува во нови наставни програми и учебници.

Инаку, поради доцнењето во изработката на учебниците, учениците од прво, второ, четврто и петто одделение оваа учебна година ја започнаа со таканаречени материјали за учење каде се разработува наставниот материјал само за првото тримесечје.

Владата претходно формираше Совет за решавање на проблемот со учебниците, за кој министерот за образование и наука Јетон Шаќири посочи дека е со цел конечно да се најде решение за процесот со учебниците во основното и средното образование.