МОН: Формирана е Комисија за повлекување на учебникот Социологија за втора година гимназиско образование

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека е формирана Комисија за давање предлог за повлекување од употреба на учебникот Социологија за втора година гимназиско образование, за кој активистите и Народниот правобранител тврдеа дека содржи бројни дискриминаторски содржини.

Комисијата во рок од 10 дена треба да го достави предлогот до министерот за образование и наука. Формирањето на комисијата следи по забелешките од јавноста, особено од стручната фела.

„Инклузивниот процес за подобрување на квалитетот на едукативните содржини и за елиминирање на дискриминација и стереотипи, е најефективен и затоа МОН овозможува јавноста да биде вклучена во процесот на отстранување на грешките од различна природа и несоодветните содржини во учебниците. Информираме дека е креирана и е-mail адреса (books@mon.gov.mk) каде можат да се испраќат коментари и забелешки за учебниците што се во употреба“, велат од МОН.

Од Министерството додаваат дека во изминатиот период биле донесени неколку одлуки за за повлекување на одобрени учебници, за кои имаше реакции.

„Со темелната реформа на образовниот систем, што предвидува изготвување на нови наставни програми, ќе бидат изработени и нови учебници и материјали за учење по сите предмети. Во тек е постапка за набавка на учебници по сите предмети од прво, второ, четврто и петто одделение, за кои се изготвени нови наставни програми, а согласно планот за реформирање на основното образование“, посочуваат од МОН.

Уште пред две години активистите и Народниот правобранител реагираа дека учебникот по Социологија од втора година средно гимназиско образование содржи дискриминација врз основа на род, брачен и семеен статус, раса, етничка припадност, здравствен и социјален статус.