Од септември учениците од селото Долно Блаце во Општина Чучер Сандево повеќе нема да посетуваат настава во друга држава, односно во погранично место во Косово каде им е најблиското училиште, туку ќе учат во објект во нивното родно место кој сега се гради, а активностите се речиси завршени.
Ова денеска го најави министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Според него, со оваа инвестиција ставаат крај на еден апсурд и на една, како што вели, неправда за ученици на кои државата треба да им обезбеди услови за настава, а не да ги приморува да учат надвор од нејзините граници.
„Активностите привршуваат. Имаме договор со изведувачот на градежните работи според кој до крајот на овој месец, објектот ќе биде целосно изграден, а потоа ќе пристапиме кон внатрешното опремување. Од септември, дечињата од Барди ќе се радуваат на новите простории и на тоа што нема повеќе да патуваат преку граница, а родителите ќе бидат многу поспокојни“, рече Шаќири.
За изградбата на училиштето во населбата Барди во Долно Блаце, кое е подрачен објект на основното училиште „Михал Грамено“ издвоени се 4.7 милиони денари. Изградбата на училишниот објект започна кон крајот на 2021 година.