Шаќири најави дека Универзитетот „Мајка Тереза“ конечно ќе добие свој објект

По шест години од основањето, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје ќе добие свој инфраструктурен комплекс, најави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Од МОН велат дека пред неколку денови со одлука на Владата, високообразовната установа доби локација на која, постојните објекти ќе се адаптираат за потребите на наставно-научниот кадар и за студентите, и додаваат дека инвестицијата ќе ја реализираат министерството и самиот универзитет.

Одлуката на Владата беше и повод за средбата помеѓу министерот Шаќири и новоименуваниот ректор на универзитетот Изет Зеќири на која се изврши примопредавање на локацијата во кругот на поранешната касарна „Илинден“ во Скопје, каде е предвидено да биде сместен универзитетскиот кампус.

„Денес ги завршуваме административните процедури за да почне изградбата на универзитетскиот кампус и ова е голем исчекор напред во заложбите за градење на една квалитетна високообразовна установа. Затоа што квалитетот во голема мера зависи од инфраструктурните услови“, рече Шаќири.

Тој очекува дека градежните активности ќе започнат годинава и дека од следната академска година, целиот наставно-научен процес ќе се префрли во новите простории.

Ректорот Зеќири пак, исто така се надева дека што поскоро ќе започнат и ќе се заокружат инвестициските активности.

„По што ќе се комплетираме како универзитет и со тоа, верувам дека уште повеќе ќе се зголеми мотивацијата за работа на професорите, но и мотивацијата за учење кај студентите“, рече Зеќири.

Радио МОФ минатата година пишуваше за тоа дека и по пет години од основањето, универзитетот нема своја зграда.

И пет години од основањето, нема зграда за Универзитетот „Мајка Тереза“